СКРМ повикува на протест пред Уставниот суд: „Кога гасите уметници – го гасите светлото“

Синдикатот на културата на Република Македонија повикува на протест на 28 април пред Уставниот суд под мотото „Кога гасите уметници – го гасите светлото“.

Синдикатот на културата на Република Македонија повика на масовен протест под мотото „Кога гасите уметници – го гасите светлото“. Протестот е закажан за 28 април, со почеток во 13 часот, на платото пред Уставниот суд.

Од СКРМ порачуваат дека замолчувањето на гласот на уметниците претставува удар врз правдата, слободата и иднината на општеството. Според Синдикатот, културата и уметноста се темели на секоја заедница и не смее да се дозволи нивно маргинализирање.

Во повикот се наведува дека протестот не е само социјална борба на вработените во културата, туку и поширока битка за зачувување на достоинството, слободата и правото на израз.

„Не постои општество без култура. Не постои иднина без уметност. Не постои правда ако гласот на уметниците се замолчува. Ако денес молчиме – утре ќе нема кој да зборува“, се наведува во повикот на СКРМ.

Синдикатот ги повикува уметниците, културните работници и сите граѓани кои ја вреднуваат слободната мисла да се приклучат на протестот. Целта, како што посочуваат, е да се испрати јасна порака до институциите дека уметноста и културата мора да бидат заштитени.

Од СКРМ очекуваат масовна поддршка, оценувајќи дека станува збор за важен момент за одбрана на професионалниот интегритет и достоинството на културните работници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни