Европската комисија крои план за влез на четири земји, без Македонија

Додека Брисел подготвува прецизни рокови за завршување на преговорите за најнапредните кандидати, македонските евроинтеграции остануваат во место.

Европската комисија подготвува таргетирани патокази за четири земји кандидатки за членство во Европската Унија, во обид да го забрза процесот на проширување, но Македонија не е меѓу нив. Брисел развива планови со конкретни чекори и временски рокови за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, додека Скопје останува надвор од оваа иницијатива поради блокадата со уставните измени и забавеното темпо на реформите.

Двајца високи претставници на Европската комисија потврдија за бриселскиот медиум „Политико“ дека се подготвуваат конкретни патокази за најнапредните земји. Овие планови ќе утврдат прецизни рокови за затворање на преговарачките кластери. Воедно, новата рамка создава и јасни обврски за постојните земји членки да дадат зелено светло кога реформите ќе бидат исполнети.

Портпаролот на Комисијата појасни дека документите ќе дефинираат листа на приоритети, рокови и конкретни резултати за да им помогнат на водечките кандидати да го заокружат пристапниот пат.

Во оваа фаза од процесот, патокази нема да добијат Македонија, Босна и Херцеговина и Косово. Македонската интеграција останува закочена поради неизгласувањето на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот. Предлозите на македонската влада за примена на овие измени со одложено дејство не наидоа на прифаќање ниту од Бугарија, ниту од институциите во Брисел.

Надвор од плановите остануваат и Србија, Грузија и Турција, чии преговори бележат застој поради забелешки за назадување во правосудството и демократските процеси.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, неделава патува во посета на регионот, вклучително и во Скопје. Сепак, најавите покажуваат дека посетата нема да донесе олеснување на условите за Македонија. Националните лидери на Унијата ќе разговараат за новата динамика на проширувањето на самитот во Брисел на 15 октомври, а предлозите за постепена интеграција и заштитни мерки ќе бидат презентирани пред високите функционери на почетокот на истиот месец.

е-Трн да боцка во твојот инбокс