Search

Пријателствата на лицата со посебни потреби

Пријателството е еден од најважните аспекти во животот на човекот, особено кај адолесцентите и младите. Во моментите кога сме осамени и тажни пријателите ни помагаат да се чувствуваме сакано, ни пружаат поддршка и внатрешно задоволство. Но како треба да гледаме на пријателствата со лицата со попреченост? Дали постојат некои предизвици со кои треба да се соочиме? Во оваа статија ќе објасниме за значењето на пријателството на лицата со посебни потреби и како можеме да создадеме пријателство во кое сите ќе се чувствуваат прифатени и почитувани. 

Прво и најважно, треба да ги истакнеме сличностите помеѓу нас и лицата со посебни потреби. Независно од интелектуалните или физичките различности, сите имаме потреба за другарство и социјална припадност. Како за сите млади, така и за младите и адолесцентите со посебни потреби, пријателствата се од особено значење бидејќи влијаат врз подобрување на социјалните вештини, практикување на начини за интеракција и зголемување на самодовербата. Затоа нема место за дискриминација или исклучување на основните потреби на лицата со пречки во развојот.

Кога се насочуваме кон овие личности, треба да ги разбереме и нивните предизвици и потреби со кои се соочуваат секојдневно. Во многу случаи, тие се соочуваат со физички и когнитивни ограничувања кои можат да ги спречат да се вклучат во општествените активности и интеракции. Но, ова не значи дека не можат да развијат длабока и задоволителна пријателска врска.

Подобрување и зајакнување на пријателските односи помеѓу младите со попреченост и оние без неа е важна цел која треба да ја има секоја заедница. Како предлог ги даваме следниве начини преку кои можеме да ја подобриме оваа ситуација:

1.Инклузивно образование – образовниот систем треба да биде дизајниран на начин кој ќе овозможи инклузија за сите ученици. Тоа вклучува приспособување на наставните материјали и обезбедување на поддршка и помош на учениците со попреченост. Кога сите ученици ќе имаат можност да работат заедно, ќе се креираат поволни услови за формирање на пријателство.

2.Свест и емпатија – еден од најважните аспекти за подобрување на пријателството е разбирањето и прифаќањето на различностите. Треба да развиваме свест и емпатија кон младите со посебни потреби и да ги гледаме како индивидуи со свои таленти и вредности. Исто така, треба да бидеме отворени за учење и разбирање на нивните предизвици и потреби.

3.Комуникација и комуникациски вештини – за успешно пријателство, важно е да се развијат отворени вербални и невербални комуникациските вештини. Размена на идеи помеѓу младите и спремноста за слушање на различни гледни точки ќе донесат поволни услови за развој на силни пријателства.

4.Организација на разни настани – организирањето на разни активности може да биде одличен начин за да создадеме опуштена и пријателска атмосфера, како и зголемување на самодовербата.

На некои млади со посебни потреби можеби ќе им се потребни насоки и поддршка околу тоа како да се спријателат со останатите врсници. Ова може да вклучи нивно учење на социјални вештини  кои се неопходни за комуникација и интеракција, како и да се појасни значењето на важноста на почитување на границите.Во текот на пријателството, треба да се осигураме  дали личноста е среќна, дали се чувствува безбедно и дали сака да го продолжи пријателството. Треба им дадеме до знаење да разберат дека можат да изберат да го прекинат пријателството доколку се чувствуваат непријатно.

Авторката е специјален едукатор и рехабилитатор во Центар за психофизичко здравје Гаспар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни