Летните топлотни бранови и сушите оставија зад себе тивка здравствена закана: приземен озон. Податоците од европската служба за следење на атмосферата Коперник (CAMS) покажуваат дека дури половина од европското население во текот на летото дишело воздух со лош или исклучително лош квалитет. Овој секундарен загадувач не излегува директно од фабричките оџаци, туку се формира под дејство на силното сонце, продира длабоко во белите дробови и преку крвотокот стигнува до виталните органи.
За разлика од озонскиот слој во стратосферата кој ја штити планетата од штетното ултравиолетово зрачење, приземниот озон во тропосферата делува како директен отров. Тој се создава преку сложени фотохемиски реакции меѓу испарливите органски соединенија и азотните оксиди кога се изложени на интензивна сончева светлина и жештина.
Главните извори на овие прекурсори се индустријата и патниот сообраќај, а состојбата драстично ја влошуваат големите шумски пожари. Лекарите предупредуваат дека изложеноста предизвикува кашлица, болка во градите при длабоко вдишување, силна иритација на грлото, главоболки и мачнина. Кај лицата со астма или хронични респираторни заболувања, последиците можат да бидат фатални.
Мерењата на Коперник за изминатата сезона покажуваат остра поделба меѓу северот и југот на континентот. Највисоките сезонски концентрации се измерени токму во јужноевропските региони, каде што топлотните бранови траеја најдолго.
Правилата на Европската Унија наложуваат максималната дневна осумчасовна концентрација да не надминува 120 микрограми на кубен метар повеќе од 18 дена во годината. Долгорочната цел предвидува таа граница да се спушти на 100 микрограми. Сепак, на југот овие вредности летово постојано беа надминувани.
Дополнителен проблем претставува преносот на загадувањето. Озонот патува илјадници километри заедно со чадот од пожарите и пустинската прашина, со што директно ги загрозува и населените места што немаат сопствени големи индустриски емисии.
Европските еколошки мерки даваат резултати кај повеќето загадувачи. Во изминатата деценија индустриските емисии на сулфурни оксиди се намалени за 59 отсто, додека азотните оксиди во индустријата и сообраќајот бележат пад од околу 40 проценти.
Сепак, концентрацијата на озон не покажува тренд на опаѓање. Климатските промени и екстремните летни температури ги поништуваат резултатите од почистиот возен парк и современите филтри во фабриките. Затоа Европската агенција за животна средина предупредува дека се неопходни специјализирани акциски планови и подобра прекугранична координација, бидејќи летниот озон не познава државни граници.