Притвор за битолчанецот осомничен дека ја давел девојката: По пет дена бегство се предал во полиција

Обвинителството поведе постапка против 24-годишниот маж за телесна повреда. Девојката пријавила дека подолго време била изложена на физичко и психичко насилство и добивала закани.

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 24-годишниот К.У., осомничен дека ја нападнал и телесно ја повредил својата 21-годишна девојка. Јавниот обвинител побара од Судот да му одреди притвор поради опасност од бегство, посочувајќи дека осомничениот се обидел да го избегне кривичниот прогон откако дознал дека е пријавен во полиција.

Според Обвинителството, нападот се случил на 10 ноември во домот на осомничениот. По расправија, тој почнал да ја дави девојката, а потоа ја удирал со тупаници и шлаканици по главата и телото.

Против него се води постапка за кривичното дело „Телесна повреда“ од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинителот побарал притвор поради опасност од бегство и ризик од попречување на постапката. Како особено значајна околност го посочил фактот дека осомничениот избегал од полициската станица откако дознал дека е пријавен.

Девојката пријавила дека подолго време трпела насилство и закани

Случајот бил пријавен на 10 ноември, кога 21-годишна битолчанка се обратила во СВР Битола и пријавила дека околу 17 часот била физички нападната од својот партнер К.У. Според тогашните информации од Министерството за внатрешни работи, девојката пријавила дека подолг период била изложена на физичко и психичко малтретирање и дека партнерот ѝ упатувал закани.

К.У. дошол доброволно во полициската станица, придружуван од родител. Но, додека полициските службеници преземале дејствија за да го лишат од слобода, тој избегал низ отворен прозорец од просторијата во која се наоѓал. По бегството, МВР започнало потрага по него, а била активирана и внатрешната контрола за да се испита како успеал да ја напушти полициската станица.

Мајката јавно алармираше за насилството

Случајот доби пошироко внимание откако мајката на девојката, Бети Ангеловска, јавно проговори за насилството на кое, според нејзините тврдења, била изложена нејзината ќерка. Ангеловска преку објава на социјалните мрежи алармираше дека девојката подолго време трпела физичко и психичко насилство и дека стравот ја спречувал порано да го пријави партнерот.

Во медиумските извештаи се наведува дека девојката пријавила насилство што траело околу година и половина, како и закани по живот. Овие информации се пренесени како нејзин исказ и тврдења на нејзината мајка.

По пет дена бегство сам се предал во полиција

К.У. бил недостапен за полицијата пет дена, а на 16 ноември, во 12 часот, доброволно се предал во СВР Битола.Од МВР тогаш информираа дека предавањето било овозможено по преземени мерки во координација со неговиот бранител и Основното јавно обвинителство Битола. По предавањето бил лишен од слобода, а инспектори од криминалистичката полиција извршиле службен разговор со него.

Претходно, на 11 ноември, против него била поднесена кривична пријава за „Загрозување при семејно насилство“ од член 144 став 3 и „Телесна повреда при семејно насилство“ од член 130 став 2 од Кривичниот законик.


Во најновото соопштение, Обвинителството информира дека повело постапка за кривичното дело „Телесна повреда“ и побарало притвор за осомничениот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс