Пожар го претвори траектот во хорор на Филипините: Петмина загинати, 86 лица исчезнати

Голем пожар избувна на траектот „МВ Џун Астер“ во близина на Палаван. Пет лица загинаа, 43 се спасени, а по 86 патници и членови на екипажот сè уште се трага.

Најмалку пет лица го загубија животот, а 86 се водат како исчезнати по пожарот што избувна на траект во близина на филипинскиот остров Палаван. Според крајбрежната стража, досега се спасени 43 лица. На траектот „МВ Џун Астер“ во моментот на несреќата имало 134 лица – 117 патници и 17 членови на екипажот. Бродот во средата тргнал од Манила кон Корон, една од популарните туристички дестинации во земјата, кога избувнал пожар.

Спасувачката операција продолжува, но потрагата е отежната поради немирното море, високите бранови и силните струи. Условите на морето придонеле траектот да биде однесен далеку од локацијата од која првично бил упатен повикот за помош. Во акцијата се вклучени припадници на филипинската крајбрежна стража, други државни служби, како и локални рибари кои доброволно им помагаат на спасувачите.

Надлежните апелираат за трпение и велат дека операцијата продолжува непрекинато, бидејќи секој час е важен во потрагата по можни преживеани. Бројот на спасени и исчезнати лица сè уште се ажурира, додека семејствата на патниците чекаат вести за своите блиски. Засега нема официјални информации за причината поради која избувнал пожарот. Се очекува истрагата да утврди што го предизвикало огнот и како несреќата се развивала.

Поморските несреќи не се реткост на Филипините, островска држава со повеќе од 7.000 острови, каде траектниот сообраќај има важна улога во поврзувањето на населените места. Доколку бројот на исчезнатите остане на ова ниво, несреќата би можела да се вброи меѓу најтешките поморски трагедии во земјата во последните години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс