Огнот зафати над 3.500 хектари во Србија, тешка битка на планината Столови

Силниот ветер и непристапниот терен го отежнуваат гаснењето кај Краљево, додека во банатската песочна оаза изгоре огромна шумска површина.

Пожарникарите во Србија се соочуваат со драматична ситуација на повеќе локации низ земјата, каде огнената стихија веќе пеплоса над 3.500 хектари во Делиблатското Песочиште, а на планината Столови кај Краљево огнот се шири кон планинските врвови и густата борова шума поради силниот ветер и исклучително стрмниот терен.

Во специјалниот резерват на природата Делиблатско Песочиште огнот зафати повеќе од 3.500 хектари трева, ниска вегетација и борова шума. Екипите на противпожарните единици, шумските претпријатија и локалното население со денови се обидуваат да ги локализираат краците на пожарот што изби на повеќе оддалечени точки.

Сувата трева и ветерот овозможија пламенот брзо да прескокне широк појас и да навлезе длабоко во заштитената зона. Засега нема загрозени станбени објекти во околните населени места, но штетата врз растителниот и животинскиот свет во овој природен резерват е огромна.

На планината Столови, јужно од Краљево, пожарникарите водат исцрпувачка битка на карпест и стрмен терен каде противпожарните возила воопшто не можат да се пробијат. Огнот избувна во подножјето и брзо почна да лази нагоре по падините.

Гаснењето се одвива рачно, со напрсници и лопати, додека екипите пешачат со часови по тешко проодни патеки за да стигнат до линијата на пожарот.

Промената на правецот на ветерот во попладневните часови дополнително ја искомплицира акцијата на Столови. Пламенот зафати ниска дабова и борова шума и почна да се шири кон високите коти на планината.

Надлежните служби соопштија дека на терен се ангажирани дополнителни сили од околните градови и се разгледува вклучување на хеликоптерски единици доколку воздушните струења дозволат безбедно дејствување. Сушата што трае со недели го прави секое ново жариште исклучително тешко за контрола.

е-Трн да боцка во твојот инбокс