Силниот ветер ги разгорува пожарите во западниот дел на Атика и во областа Беотија, во близина на Атина, каде што огнот уништи куќи, зафати големи шумски површини и принуди стотици жители и туристи да ги напуштат загрозените населби.
Грчките власти издадоа повеќе предупредувања за евакуација, а дел од жителите биле извлекувани и по морски пат.
Критично во Порто Гермено и Беотија
Една од најкритичните точки е крајбрежното место Порто Гермено, околу 70 километри западно од Атина. Таму пожарникарите се борат со три огнени фронта – еден во борова шума, еден што се движи кон Агија Параскеви и трет кон областа Митикас.
Од блиска плажа биле извлечени 12 лица со бродови.
Пожари беснеат и во Беотија, северозападно од Атина, особено во близина на Каламаки и Ксирономи. Огнот оштетил домови и се проширил кон крајбрежната населба Агиос Василиос, од каде што повеќе од 200 луѓе биле евакуирани по морски пат со бродови на крајбрежната стража, противпожарната служба и приватни пловила.
Жителите добиле пораки за евакуација преку 112
Жителите на Псата, Митикас, Порто Гермено и повеќе населби во Беотија добиле предупредувања преку бројот 112 да ги напуштат своите домови.
Претходно биле наредени евакуации и во Просили, Агиос Василиос, Алики, Агиос Николаос и Ксирономи.
На терен стотици пожарникари, ветерот го отежнува гаснењето
Во поширокиот регион се ангажирани 325 пожарникари, 92 противпожарни возила и 18 специјализирани шумски екипи.
Во операцијата биле распоредени и противпожарни авиони и хеликоптери, но силните ветрови и турбуленциите значително го ограничуваат нивното дејствување.
Во гаснењето се вклучени и припадници на армијата, механизација на локалните власти и шумарските служби, кои расчистуваат противпожарни појаси.
Опасност и кај психијатриската болница во Дафни
Критична е состојбата и на планината Пикило Орос, во западниот дел на пошироката област на Атина.
Таму 108 пожарникари, волонтери и 22 возила се обидуваат да го спречат огнот да се приближи до психијатриската болница во Дафни.
Грчката противпожарна служба соопшти дека во земјата се активни 73 пожари, откако во последните 24 часа избувнале уште 51. Пожарникарите интервенираат и во Арголида и Арта, додека дел од пожарите на други локации се ставени под контрола или покажуваат знаци на смирување.
Највисоко ниво на опасност за Атика и Евбеја
Министерството за климатска криза и цивилна заштита прогласи највисоко, петто ниво на опасност од пожари за Атика и Евбеја.
Многу високо, четврто ниво важи за делови од Пелопонез, Беотија, Крит, Кикладите, Хиос, Лезбос и други региони.
Надлежните ги повикаа граѓаните да ги следат предупредувањата и веднаш да ги почитуваат наредбите за евакуација.