Тројца возрасни лица кои се тешко повредени во големиот пожар на подрачјето на Омиш и Локва Рогозница и натаму се приклучени на респиратор во Клиниката за трауматологија во Загреб. Малолетната девојка која исто така беше пренесена во Загреб е во стабилна состојба.
Двајца мажи и една жена се сместени на одделите за интензивно лекување. Нивната здравствена состојба засега е непроменета, а покрај механичката вентилација примаат и терапија за одржување на крвниот притисок.
Станува збор за хрватски државјани, цивили, кои се здобиле со изгореници на меѓу 40 и 70 проценти од површината на телото. Во моментов приоритет на лекарите е стабилизирање на нивните витални функции.
Малолетната, 17-годишна девојка е пренесена во Клиниката за детски болести во Загреб. Нејзината состојба е стабилна, но и таа има сериозни изгореници.
Едно лице загина, 43 се повредени
Катастрофалниот пожар на подрачјето на Локва Рогозница и Омиш избувна вечерта на 13 август и за само неколку часа зафати околу 1.000 хектари трева, ниска вегетација и борова шума.
Според податоците на Хрватската противпожарна заедница, во пожарот се повредени 43 лица, меѓу кои и тројца пожарникари, додека едно лице го загуби животот. Околу 2.500 луѓе беа евакуирани.
Во гаснењето учествуваа 253 пожарникари со 83 возила од повеќе хрватски жупании, како и четири канадери и четири авиони „Air Tractor“.
Состојбата на пожариштето денеска е поповолна, но пожарот сè уште не е целосно изгаснат. Пожарникарите продолжуваат со санација на опожарените објекти и рабовите на пожариштето, а поради ветерот и тешко пристапниот терен останува ризикот од повторно разгорување.