Дваесет и четиричасовната потрага по лавица во предградието на Истанбул, која предизвика паника меѓу локалното население, доцна синоќа заврши со неочекуван пресврт. Турските власти официјално соопштија дека на теренот воопшто немало лавица, ниту пак каква било друга дива мачка, пренесува Асошиејтед прес (Associated Press).
Акцијата започна откако две видеоснимки од животно кое се движи низ елитната истанбулска населба Ускумрукој беа првично протолкувани како појава на лавица. Кабинетот на гувернерот на Истанбул веднаш мобилизираше тимови на експерти за заштита на животни, полициски сили и специјални воени единици.
Turkish security and wildlife personnel are searching for an animal believed to be a lion, roaming loose in woodland north of Istanbul, the country’s national parks authority said https://t.co/418nQvRwfN https://t.co/KIXjWLPQ0g
— Reuters (@Reuters) November 23, 2026
Поради безбедносни причини, на жителите од овој дел на градот им беше препорачано да не ги напуштаат своите домови. Истовремено, надлежните служби целосно го затворија пристапот до Белградската шума, големо природно подрачје кое се простира на 54 квадратни километри северно од Истанбул.
Пресвртот се случи доцна синоќа, откако експертите направиле дополнителна анализа на новите видеоматеријали. Официјалниот став на властите сега е дека снименото животно не е лав, ниту пак припаѓа на кој било друг вид големи мачки.
„Подрачјето беше пребарано од воздух со дрон опремен со термални камери, како и на терен, каде што беа ангажирани нашите екипи. Беа поставени мамки и камери со сензори за движење. Теренската потрага не даде никакви конкретни докази за присуство на лав на тоа подрачје“, се наведува во официјалното соопштение на турските власти.
Ненадејната промена на официјалната верзија ги збуни жителите на Истанбул, кои на социјалните мрежи коментираат кое животно всушност било заменето за предатор. Дел од граѓаните сметаат дека на снимките е забележано поголемо куче, додека други објавуваат фотографии и видеа од сопствените домашни мачки со иронични коментари за бараната лавица.
И покрај официјалниот демант од кабинетот на гувернерот, дел од локалните медиуми објавија уште една снимка на која се гледа животно како излегува од грмушки, оставајќи ја темата во фокусот на јавноста.
