Search
Дебата во „Бруталиск”со Марко Аврамоски од „Дигиславија”и Филип Тасевски – Fitz од „Земјотрес”

Поткаст на „Силата ЕУ младите” со млади промотори на прогресивна музика и култура

Во склоп на платформата „Силата ЕУ младите” минатата недела во „Бруталиск” се одржа поткаст на тема  „Младата генерација на македонски менаџери и продуценти во музиката и културата” и низ дискусија се претстави работата на Марко Аврамоски и Филип Тасевски,  млади менаџери и продуценти кои градат различни заедници на соработка преку кои влијаат и ги менуваат условите за работа, презентација, промоција и препознавање на македонската музика и култура во земјата и во Европа.  Марко Аврамоски е идеен творец и менаџер на уметничката заедница „Дигиславија”и поранешен менаџер на музичкиот колектив на млади техно диџеи ОВЦ колектив, а  Филип Тасевски – Fitz е  музичар, текстописец, композитор,  продуцент и менаџер на „Земјотрес”-Фестивалот на свежа домашна музика.

– Во Скопје и Македонија низ времето се појавуваат и делуваат различни музички заедници, кои функционираат како колективи, платформи, асоцијации, фестивали, уметнички агенции и продуцентски куќи. Она што ги поврзува е здружувањето околу заедничка идеја, визија и цели, остварливи преку меѓусебна соработка. Тоа подразбира поделба и искористување на нивните капацитети, ресурси, одговорности како во самата заедница така и во нејзиното делување надвор, во јавниот простор, во комуникацијата и соработката со институциите, партнерите, публиката, медиумите…Она пак што е специфично за секоја заедница е причината за нивно здружување, јазикот, начинот на изразување, системот на вредности што ги застапува, како и начинот на нивно организирање и работа – вели  Виолета Качакова, која во улога на модератор  заедно со Лаика Попова ја водеа дискусијата.

Концептот на платформата „Силата ЕУ младите” е да ги обедини младите прогресивни музичари и артисти во земјава и да им даде поголем простор за изразување. Во контекст на современата македонска музика делуваат голем број на квалитетни музичари, претставници на различни музички сцени. Овие сцени постојат и се развиваат паралелно во рамки на актуелните можности и услови за работа. Тие регистрираат една жива и динамична генерација на млади менаџери и продуценти со јасна визија за развој и мисија да ги зајакнат сцените, да го одржат нивното постоење и работа и да креираат нови можности во домашен и регионален, па и европски контекст.

Марко Аврамоски и Филип Тасевски се млади менаџери и продуценти кои преку своите платформи ги презентираат токму тие прогресивни идеи, ги  менуваат условите за работа и работат на промоција и препознавање на македонската музика и култура во земјата и Европа.

– „Платформата Земјотрес” е печат на новото време и на новата македонска музика. Ова е еден посебен вид на фестивал кој не постои на друго место. Секоја година имаме од 20 до 25 артисти изведувачи од различни сцени во музиката. Целта ни беше да направиме платформа каде што ќе биде претставено најновото од домашната музичка алтернативна независна сцена- вели Филип Тасевски, креатор на платформата .

Дигиславија” е мултидимензионален проект, меѓутоа главно се работи за платформа која што се бави со промовирање на нови артисти, локални, регионални и интернационални.

– „Дигиславија”  е направена да одговори на една  многу  битна потреба, а тоа е потребата на артистите да бидат промовирани.  На „Дигиславија” имаме посетители од над 70 различни држави и тоа не збориме само за земји од Европа, туку и пошироко– вели  Марко Аврамовски, креатор на  „Дигиславија”.

Она што е заеднички впечаток на соговорниците на поткастот е дека иако имаме достапни фондови за развој на алтернативната и културната сцена во земјава, младите артисти се многу малку информирани како да дојдат до тие средства. Исто така државата, сметаат Тасевски и Аврамовски, мора да покаже поголем интерес за културата генерално.

– Нас тука ни се потребни експерт бироа, потребна е меѓугранична соработка со секави центри  и институции и едукација на истата тема затоа што многу често младите артисти не знаат како да се дојде до сево ова. Тие фондови постојат за младите, исто така тие настани постојат за артистите и секако треба да се искористи сето тоа тоа што се нуди- вели Филип .

Скопје секогаш бил и ќе биде град каде се негува културата и уметноста. Град кој нуди можности за сите артисти да се изразат со својата музика и уметности и тоа е можеби главен двигател на овие млади луѓе кои живеат и творат овде.

-Да не ја избришеме нашата колективна меморија дека Скопје од секогаш бил местото каде што ја негуваме културата, каде  што има разнолични настани. Имаме и клубови, имаме отворени места и затворени места. Така да мислам дека во склоп на тоа што се  случува денес и во склоп на добрите пракси што ги гледаме од нашите европски соседи, би било фино да се гледаат повеќе институции загрижени околу културата и негување на оваа култура – вели Марко од  „Дигиславија”

Целиот поткаст можете да го видите на: https://soundcloud.com/pmgrecordings/silata-eu-mladite-podcast-1

Најново

Последни колумни