Поморските сили на Европската Унија пресретнаа и прегледаа сомнителен танкер за нафта во Средоземното Море, за кој постои основано сомнение дека е дел од руската „флота во сенка“. Информацијата ја соопшти високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас. Акцијата ја спроведоа војниците од поморската мисија „Ирини“, по претходни сомнежи дека бродот користи лажно знаме и директно ги прекршува меѓународните поморски правила.
Воена екипа од операцијата „Ирини“ се качи на танкерот „MV Sun“ со цел да изврши инспекција и верификација на знамето под кое плови. Калас преку платформата Икс објасни дека бродот паднал под сомнеж поради пловидба со фалсификувана поморска документација, што отвора пат за заобиколување на санкциите.
„Илегалната продажба на нафта преку бродовите од флотата во сенка е клучен извор за финансирање на руската војна во Украина и ние ќе продолжиме да ја прекинуваме“, напиша Калас. Ова е шести ваков сомнителен брод што европските поморски сили го проверуваат на отворено море во последните неколку месеци.
Мерките против нелегалниот транспорт на руска нафта ќе бидат на маса и на претстојниот состанок на министрите за одбрана на ЕУ во Ирска. Контролите во медитеранските води зачестија во текот на август.
Претходно, силите на „Ирини“ се качија и на санкционираниот танкер „MV Toa Payoh“. Тој брод беше пресретнат западно од италијанскиот остров Пантелерија од страна на италијанскиот воен брод „Thaon di Revel“, додека пловел на рута од пристаништето Котону во Бенин кон Истанбул.