Педесет и осумгодишна жена, која беше тешко повредена во големиот пожар во околината на Омиш, почина во Клиничкиот болнички центар во Сплит. Со нејзината смрт, бројот на жртвите од катастрофалниот пожар се искачи на три.
Од сплитската болница потврдија дека станува збор за пациентка родена во 1968 година, која по пожарот била примена со тешки повреди. Според хрватските медиуми, уште двајца повредени пациенти и натаму се во животна опасност.
Едно лице почина на самото место за време на пожарот, додека другите две жртви подоцна им подлегнаа на повредите во КБЦ Сплит. Втората жртва беше 79-годишен маж, кој почина кон крајот на август.
Разорниот пожар избувна на 13 август во областа околу Омиш и, поттикнат од силниот ветер, брзо се прошири кон населените места. Огнената стихија зафати повеќе од 1.000 хектари шума и ниска вегетација, а беа оштетени или уништени куќи, автомобили, пловни објекти и друга инфраструктура.
Во гаснењето учествуваа 286 пожарникари со 90 возила и четири противпожарни авиони. Околу илјада жители и туристи беа евакуирани, додека медицинска помош побараа 36 лица. Четиринаесет од нив беа хоспитализирани, а седуммина првично се наоѓаа во животна опасност.
Пожарот предизвика огромна материјална и еколошка штета, а делови од крајбрежниот пат беа привремено затворени. Надлежните институции продолжуваат со утврдување на целосните последици и околностите под кои избувнал пожарот.