Американската новинарка, писателка и активистка Глорија Стајнем, една од највлијателните личности на современото феминистичко движење, почина на 92-годишна возраст во својот дом во Њујорк.
Веста за нејзината смрт беше соопштена преку нејзиниот официјален профил на Инстаграм. Стајнем починала мирно, опкружена со своите најблиски, а причината за смртта не беше објавена, пренесуваат АП и Ројтерс.
Во текот на кариерата долга повеќе од шест децении, Стајнем беше истраен застапник за еднаквоста на половите, репродуктивните и граѓанските права, еднаквите можности на работното место и поголемото учество на жените во политиката и јавниот живот. Таа стана едно од најпрепознатливите лица на вториот бран на феминизмот во САД, кој доби силен замав кон крајот на 1960-тите и во текот на 1970-тите години.
Родена е на 25 март 1934 година во Толедо, Охајо. Студирала на колеџот „Смит“, а по дипломирањето извесен период престојувала во Индија. По враќањето во САД започнала да работи како новинарка во Њујорк, во време кога жените тешко добивале можност да пишуваат за политички и општествени теми.
Пошироката јавност ја запозна во 1963 година, кога, работејќи под прикритие како „зајачица“ во њујоршкиот клуб „Плејбој“, ги документираше ниските плати, сексуалните притисоци и понижувачките услови во кои работеле жените. Репортажата „A Bunny’s Tale“ стана еден од најпознатите примери на истражувачкото новинарство во нејзината кариера.
Пресвртница во нејзиниот активизам било сведочењето на жени за абортусот на кое присуствувала во 1969 година. Оттогаш, правото на жените самостојно да одлучуваат за сопственото тело стана една од главните теми во нејзината јавна работа.
Во 1972 година Стајнем беше меѓу основачките на списанието „Ms.“, кое отвори простор за теми што дотогаш ретко се појавуваа во американските медиуми – дискриминацијата, семејното насилство, репродуктивните права, нееднаквоста на работното место и положбата на жените во политиката. Списанието брзо прерасна во значајна институција на американското феминистичко движење.
Стајнем учествуваше и во основањето на Националната женска политичка група, Женската акциска алијанса, Фондацијата „Ms.“ за жени и Женскиот медиумски центар. Таа соработуваше со активистки од различни расни и општествени средини и нагласуваше дека борбата за правата на жените е неодвоива од борбата против расизмот, сиромаштијата и другите форми на дискриминација.
Покрај новинарските текстови, Стајнем напиша повеќе книги и збирки есеи, меѓу кои „Outrageous Acts and Everyday Rebellions“, „Revolution from Within“ и мемоарската книга „My Life on the Road“. Нејзиниот живот и работа беа прикажани и во документарни и играни продукции, меѓу кои филмот „The Glorias“ и телевизиската серија „Mrs. America“.
Во 2013 година тогашниот американски претседател Барак Обама ѝ го додели Претседателскиот медал на слободата, највисокото цивилно признание во Соединетите Американски Држави. Во 2021 година ја доби и наградата „Принцезата од Астурија“ за комуникација и хуманистички науки.
И во поодминатите години продолжи јавно да зборува, да пишува и да учествува во кампањи за еднаквост и општествена правда. Нејзиното влијание не произлегуваше само од организациите и публикациите што ги создаде, туку и од способноста прашањата што долго биле сметани за приватни да ги претвори во теми од јавен и политички интерес.
Со смртта на Глорија Стајнем, светското движење за правата на жените загуби една од своите најзначајни и најпрепознатливи фигури. Зад себе остави наследство што продолжува да живее преку генерациите новинарки, активистки и жени кои се борат за еднаквост.