Пепси вети дека ќе си оди од Русија, но останува четврта најголема странска компанија во земјата

Американскиот гигант лани му плати 205 милиони евра данoк во Русија, а пијалоците ги продава под нови локални имиња.

Иако „PepsiCo“ во март 2022 година, по почетокот на руската инвазија врз Украина, најави целосно запирање на производството и продажбата, компанијата минатата година ѝ плати 205 милиони евра данок на добивка на руската држава. Еден од најголемите светски производители на храна и пијалоци и понатаму е четврта најголема странска компанија во Русија. Таму управува со 19 фабрики, вработува 60.000 луѓе и сè уште произведува сокови од типот на кола, но под сменети имиња.

Наместо целосно затворање на капацитетите, компанијата го прилагоди своето работење за да го задржи присуството на рускиот пазар. Производството на газирани сокови продолжи во истите фабрики, но под новите локални брендови „Lyubimaya Cola“ и „Evervess Cola“.

Продолжувањето на бизнисот носи директен приход за Кремљ. Даноците што ги плаќаат големите западни корпорации кои останаа во Русија помагаат во финансирањето на државниот буџет, кој во најголем дел е насочен кон воените операции во Украина. „PepsiCo“ воедно беше и првиот американски потрошувачки бренд што се произведуваше и продаваше во поранешниот Советски Сојуз, а фактот што не заминува ниту денес сведочи за нејзините длабоки бизнис врски со оваа земја.

Бизнис релациите меѓу американскиот гигант и Москва датираат уште од периодот на Ладната војна. Доналд Кендал, кој беше извршен директор на компанијата од 1963 до 1986 година, успеа да го убеди тогашниот советски лидер Никита Хрушчов да го проба напитокот „Pepsi“ на Американската изложба во Москва во 1959 година, во присуство на тогашниот потпретседател на САД, Ричард Никсон.

Соработката продолжи и во следните децении. Во 2004 година, рускиот претседател Владимир Путин му го врачи на Кендал Орденот на пријателството, што претставува највисоко руско цивилно одликување. Врските со руското раководство ги одржуваа и следните менаџери. Индра Нуји, која ја водеше компанијата од 2006 до 2018 година, во неколку наврати јавно зборуваше пофално за Путин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс