Од НИС до недвижности, оската Орбан-Вучиќ зад себе остави нереализирани проекти и несигурност

Зад блискоста меѓу Орбан и Вучиќ останаа милијарди во размена и инвестиции, но и клучни енергетски проекти чија иднина сега е под знак прашалник.

Според анализата објавена во Forbes Србија, промената на Орбан носи и промена во неколку клучни, но сè уште незавршени проекти во Србија, пред сè во енергетиката, кои сега влегуваат во фаза на неизвесност. Почнувајчи од инвестиции во претприемништовото и земјоделството, се до иднината на НИС и нуклеарната соработка, се отвараат нови прашања за иднината на односите меѓу двете држави и реализацијата на проектите.

Во изминатите петнаесет години, Унгарија се искачи меѓу најважните надворешнотрговски партнери на Србија. Трговската размена во споредба со 2010 година пораснала речиси четирикратно и се доближила до четири милијарди евра. Инвестициите бележат уште поголем раст: од околу 350 милиони евра пред 2010 година, тие стигнале до околу 1,5 милијарди евра. Меѓу најзначајните потези се издвојува влезот на OTP банка на српскиот пазар, како и финансиската поддршка што преку Фондацијата Prosperitati во изминатата деценија била насочена кон Војводина, каде биле поддржани илјадници проекти во претприемништвото, земјоделството и купувањето имот.

Но делот што сега отвора најмногу прашања е енергетиката. Неизвесноста околу иднината на НИС дополнително се зголемува со промената на власта во Будимпешта. Во анализата се посочува дека можниот влез на МОЛ како клучен партнер отвора серија чувствителни прашања, од дефинирањето на сопственичките односи до судбината на Рафинеријата во Панчево. Дополнителна неизвесност носи и фактот што во целата операција и натаму важна улога имаат и Москва и Вашингтон, бидејќи Газпром останува мнозински сопственик, а без американска дозвола трансакцијата би можела да западне во ќорсокак. Во текстот се забележува и дека ADNOC, кој претходно се споменуваше како дел од пошироката конструкција, сега речиси и да не се споменува.

Покрај НИС, под знак прашалник може да се најде и нафтоводот меѓу Нови Сад и Унгарија. Проектот, кој досега бил третиран како важен дел од енергетската соработка, сега може да ја изгуби политичката тежина што ја имал во времето на Орбан. Во анализата се посочува дека и ако новата власт во Унгарија го препознае својот интерес во овој проект, тоа не значи дека ќе му даде ист приоритет. Особено ако се земе предвид пошироката енергетска политика на Будимпешта, нејзиниот однос кон руската нафта и можната потреба од ново усогласување со Брисел. Во такви околности, дури и релативно мал проект може да биде оттурнат на страна.

Слична неизвесност постои и околу нуклеарната соработка. Српските власти претходно повеќепати ја споменуваа можноста Србија да учествува во проектот Пакш 2 во Унгарија, кој се реализира со Русија. Но токму таа врска со Москва може да стане дополнителен товар во новиот политички контекст. Ако унгарската енергетска политика почне да се менува, Србија лесно би можела да остане без тоа место во проектот.

Во гасниот сектор, пак, дел од соработката веќе е институционализиран. Заедничката компанија Srbhungas, формирана од MVM ONEnergy и Србијагас во 2023 година, е создадена за трговија со гас и за полесен пристап до складишни капацитети. Според финансиските податоци наведени во анализата, компанијата во 2025 година имала приходи од 4,9 милијарди динари, но и загуба во работењето од 73 милиони динари. Тоа покажува дека соработката постои и функционира, но не без слабости и ограничувања. Покрај тоа, MVM има и сопствена фирма во Србија за трговија со електрична енергија, а од минатата година стана и мнозински сопственик во две српски компании, Јужна Бачка и Електромонтажа Краљево, со што дополнително го засили своето присуство на пазарот.

Во анализата се отвора и прашањето за недвижностите и приватниот капитал поврзан со кругот околу Орбан. Како значаен пример се наведува купувањето на 11 деловни згради во Белград од страна на фонд што стои зад компанија поврзана со Иштван Тиборц, зетот на Виктор Орбан. Овој потег се вклопува во пошироката слика на унгарско економско присуство во Србија, кое не се ограничува само на енергетиката и банкарството, туку се шири и во секторот недвижности и приватни инвестиции.

Она што останува како суштински заклучок е дека оската Орбан-Вучиќ зад себе остави реална економска и политичка инфраструктура, но не и целосно заокружено наследство. Промената во Унгарија не значи автоматски прекин, но значи дека проектите што порано се движеа со политички ветер во грб, отсега ќе мора да преживеат во многу покомплициран амбиент. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни