OpenAI промовираше ChatGPT апликација за iOS, во најава и Android верзија

OpenAI ја промовираше ChatGPT апликацијата за iOS уредите, ветувајќи дека наскоро ќе следува и верзија за Android. Апликацијата е бесплатна за користење и ја синхронизира вашата историја на „разговори“ со ботот со вештачка интелигенција помеѓу различните уреди. Апликацијата исто така го користи и моделот за препознавање на говор Whisper на OpenAI, па може да се користи и без пишување, туку со говорење.

Апликацијата работи и на iPhone и на iPad и може да се преземе од App Store. OpenAI вели дека најпрво ја пушта апликацијата во САД и дека ќе се прошири и во други земји „во наредните недели“.

Веста за лансирањето на мобилната апликација дојде без најава од OpenAI, но е потег во вистинска насока со оглед на неверојатната популарност на „чет-ботот“ со вештачка интелигенција ChatGPT. Овој модел беше лансиран во ноември минатата година, а според некои пресметки до јануари достигнал 100 милиони корисници.

Лансирањето на апликацијата е интересен потег, со оглед на амбивалентниот пристап на OpenAI за позиционирање на ChatGPT на пазарот, пишува „The Verge“. Иако четботот беше лансиран како експеримент, тој брзо најде публика која го користи ботот за сè, од пишување на есеи за факултет до употреба во бизнисот. Во февруари, OpenAI лансираше премиум претплата за апликацијата, ChatGPT Plus, која нуди приоритетен пристап и одговори генерирани со користење на најновиот јазичен модел на компанијата, GPT-4. Претплатата чини 20 долари месечно.

Досега, најдобриот начин за пристап до јазичниот модел на OpenAI на мобилен беше користењето на апликацијата Bing на Microsfot, која нуди пристап до четботот на компанијата базиран на GPT-4. Официјалната апликација од ChatGPT најверојатно ќе привлече некои од овие корисници.

Сепак, еден од проблемите со кои, барем првично, ќе се соочат корисниците кои ќе се обидат да ја најдат и симнат апликацијата е што AppStore во моментов е преплавен со четботови од трети компании, кои ги користет термините ChatGPT и OpenAI. Овој проблем, се очекува брзо да биде решен со средување на алгоритмите кои Apple ги користи за нивната продавница за апликации, но на корисниците на социјалните мрежи веќе забележаа вакви проблеми.

е-Трн да боцка во твојот инбокс