Форум во Скопје отвори прашање: како до одржлива модна индустрија?

Образованието, технологијата, занаетчиството и женското претприемништво беа во фокусот на форумот „Мода-едукација-технологија“, што во Скопје отвори дебата за иднината на модната и текстилната индустрија.

Форумот „Мода-едукација-технологија“, што на 17 март се одржа во Скопје во организација на Здружението „Добредојде Македонија – Welcome Center“ и под покровителство на Амбасадата на Република Словенија, ги стави во фокус модното образование, новите технологии и одржливоста, отворајќи прашања за тоа како модната и текстилната индустрија во земјава може да стане поконкурентна, поиновативна и подобро поврзана со реалните потреби на пазарот.

Настанот ги обедини претставници од институции, образовниот сектор, модната и текстилната индустрија, како и експерти и креативци, со цел да се отвори поширок разговор за развој на одржлива, конкурентна и современа модна индустрија во Македонија.

Во своето обраќање, амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер, ја истакна важноста на меѓународната соработка и заедничките иницијативи што ги поврзуваат образованието, иновациите и индустријата. Тој порача дека поддршката на вакви проекти е важен чекор кон создавање одржливи и конкурентни креативни индустрии, засновани врз знаење, партнерства и иновации.

Претседателката на Здружението „Добредојде Македонија – Welcome Center“, Емилија Миладинова Аврамчева, рече дека една од главните цели на форумот е да создаде трајна платформа за соработка меѓу луѓето, институциите и идеите. Таа нагласи дека форумот не е само настан, туку заокружување на процес на поврзување што веќе дал конкретни резултати и успешни приказни во развојот на модната индустрија и женското претприемништво.

На првиот панел, посветен на односот меѓу модното образование и индустријата, учесниците зборуваа за потребата од посилна поврзаност меѓу училиштата и реалните потреби на пазарот. Беше посочено дека индустријата и натаму се соочува со недостиг од квалификуван кадар, намален интерес кај младите за текстилната струка и сè уште недоволно искористен потенцијал на занаетчиството како дел од современата и одржлива мода. Воедно, беше отворено и прашањето дали домашната индустрија ќе продолжи главно да произведува за други или конечно ќе вложува повеќе во сопствени брендови.

Вториот панел беше посветен на технологијата и вештачката интелигенција во модата. Панелистите зборуваа за практичната примена на 3D дизајн, виртуелни прототипи и дигитални алатки што можат да помогнат во зголемување на продуктивноста и одржливоста во текстилната индустрија. Заедничката порака беше дека новите технологии не ја заменуваат креативноста, туку отвораат простор за нови форми на израз и поинакви модели на производство.

Заклучокот од форумот беше дека развојот на модната и текстилната индустрија бара интегриран пристап: институционална поддршка, современо образование, технолошки иновации и одржливи економски модели. Учесниците порачаа дека ваквите иницијативи не треба да останат изолирани настани, туку да прераснат во континуирана платформа за дијалог, партнерства и конкретни политики што ќе ја унапредат индустријата во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни