Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) откри неколку тони непријавен нуклеарен материјал на локација во Сирија, соопшти генералниот директор на организацијата, Рафаел Гроси. Според неговите изјави за време на посетата на Дамаск, материјалот потекнува од периодот на соборениот режим на Башар ал-Асад и носи ризик од потенцијална злоупотреба доколку не се стави под соодветна меѓународна контрола.
За време на заедничката прес-конференција со сирискиот министер за надворешни работи Асад ал-Шаибани, шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, истакна дека станува збор за неколку тони нуклеарен материјал кој може да биде злоупотребен доколку не се соодветно обезбеди. Гроси ја поздрави одлуката на новите сириски власти за пријавување на оваа локација, квалификувајќи ја како одговорна постапка за справување со опасното наследство од претходната власт.
Инспекцискиот тим на агенцијата утринава ја заврши теренската посета на локацијата, каде што беа земени потребните мостри за лабораториска анализа и детално утврдување на точниот состав на материјалот.
Сирискиот министер за надворешни работи потврди дека властите во Дамаск уште на 17 јули службено ја известиле МААЕ за постоењето на непријавениот материјал. Ал-Шаибани изјави дека, според првичните технички проценки на локалните стручњаци, материјалот во моментов не претставува директен безбедносен или радиолошки ризик за населението.
Според постигнатиот договор, пронајдените материјали ќе останат на територијата на Сирија, но ќе бидат ставени под постојан и строг инспекциски надзор на МААЕ. Сириските тимови во следниот период ќе соработуваат со меѓународните експерти за да обезбедат соодветно и трајно складирање.