Сараево го потресе уште еден случај на фемицид, откако во населбата Добриња беше убиена 41-годишната новинарка Елма Годињак-Прусац. За убиството е осомничен Тарик Прусац, нејзиниот сопруг, односно поранешен сопруг со кого била во процес на развод.
Според информациите што ги објавија медиумите во Босна и Херцеговина, случајот бил пријавен на 1 мај околу 16:15 часот во улицата „Омладинских радних бригада“ во сараевската населба Добриња. Лекар од Итната помош околу 16:30 часот ја констатирал смртта на жената.
По пукањето, осомничениот се оддалечил од местото на злосторството со нивното петгодишно дете. Полицијата започнала потрага, а според медиумите, акцијата се проширила од Добриња кон Дарива, каде бил забележан автомобилот во кој бил Прусац. Тој бил приведен неколку часа подоцна, а од МУП на Кантонот Сараево било потврдено дека детето е неповредено.
Босанските медиуми објавија дека Елма претходно повеќепати го пријавувала Прусац поради следење, закани и вознемирување. Според Radio Sarajevo, на 8 април му била изречена судска мерка забрана за приближување, откако претходно полицијата изрекла итни заштитни мерки.
Адвокатката Елмедина Боичиќ, која ја застапувала Елма во бракоразводната постапка, изјавила дека таа стравувала за својот живот. Според нејзините наводи, Елма сакала развод, но Прусац не го прифаќал тоа, ја следел со автомобил и таа се чувствувала несигурно.
Дополнително, Radio Sarajevo, повикувајќи се на порталот Istraga, објави дека убиството било извршено со службен пиштол што осомничениот го должел како вработен во агенција за обезбедување. Според тие информации, оружјето не смеело да се носи надвор од работното место, а случајот отвора и прашања за контролата врз службеното оружје.
Осомничениот денеска треба да биде предаден во надлежност на Кантоналното обвинителство на Сараево, а најавена е и обдукција на телото на убиената новинарка. Истрагата треба да утврди повеќе детали за околностите под кои се случило убиството, но случајот веќе предизвика силни реакции во јавноста, особено поради претходните пријави и постоечката мерка за забрана за приближување.