Од полициска рација до глобален бунт: како започна ЛГБТК+ револуцијата

Во раните утрински часови на 28 јуни 1969, полициска рација во еден мал бар во Њујорк предизвикала бунт. Тој бунт станал движење. Движењето станало Pride, a Pride станал глобалнo движење. Македонија 57 години подоцн сè уште го бара своето место во оваа историја.

На 28 јуни 1969 година, во раните утрински часови, полицијата извршила рација во Stonewall Inn, мал геј бар во Гринич Вилиџ, Њујорк, кој тогаш претставувал едно од ретките засолништа за ЛГБТК+ заедницата. Но, за разлика од претходните интервенции, овој пат присутните одбиле да заминат тивко. Во момент на спонтан отпор без јасно водство или организација, започнале немирите кои подоцна ќе станат симболичен почеток на современото ЛГБТК+ движење за права и еднаквост.

Пред Stonewall: кога постоењето беше незаконско

За да се разбере зошто Stonewall е важен, треба да се разбере во каков свет се случил. Во 1969 година хомосексуалноста сè уште се сметала за кривично дело. Полициските рации на геј барови биле рутина. Офицерите влегувале, ги малтретирале и апселе гостите, а тие мирно редеа пред нив на улица. Законот на државата Њујорк до 1966 забранувал сервирање алкохол на геј лица. Барот Stonewall Inn бил во сопственост на мафијата и додека имало профит, сопствениците малку се грижеле за безбедноста на клиентелата. Геј барови биле едни од ретките простори каде луѓето можеле да бидат отворено тоа што се. И тие простори биле систематски напаѓани.

Во пресрет на 28 јуни, полицијата веќе извршила рација во Stonewall во денпретходно, запленила алкохол и уапсила вработени. Планирале втора рација за петокот, за да го затворат барот засекогаш.

28 јуни 1969, 1:20 наутро

По полноќ, во ненормално топла петочна вечер, Stonewall бил преполн кога осум полициски офицери влегле во барот. Почнале да ги легитимираат гостите и апселе вработените. Оние со документи биле пуштани надвор на улица, пред полицијата.

Но за разлика пд претходно, овојпат гостите не се разотишле и останале надвор, наместо да заминат. Се собрала толпа и кога полицијата почнала да апси, дошло до отпор. Полицијата се повлекле внатре во барот и се забарикадирале. Протестантите ги скршиле барикадите. Биле потребни часови за полицијата да ја исчисти улицата. Бунтот траел шест дена. Историчарите сè уште се расправаат за деталите, колку денови траел бунтот, кој го фрлил првиот предмет… Но она за кое постои согласност е дека настаните кои следувале фундаментално ја сменила природата на ЛГБТК+ активизмот.

Од бунт до Pride: годината потоа

На годишнината, 28 јуни 1970, неколку илјади активисти марширале во Менхетн по Christopher Street кон Централниот парк во она тогаш наречено Christopher Street Liberation Day March, денес NYC Pride March. Официjалниот слоган бил: „Кажи гласно, геj е гордост.”

Истиот ден се одржале паради во Чикаго, Лос Анџелес и Сан Франциско, и тоа се првите геj прајд паради во историјата на САД. Следната година се организирале паради во Бостон, Далас, Милвоки, Лондон, Париз, Западен Берлин и Стокхолм. Педесет и пет години подоцна, прајд е глобален феномен. Само во САД, преку 6 милиони луѓе годишно учествуваат во 115 прајд паради. Во 2019, на педесетгодишнината, на Манхетн се собрале 5 милиони луѓе, наjголемото ЛГБТК+ собирање во историјата.

Stonewall и киното: од маргина до Оскари

Stonewall го отворил патот за нова свест во уметноста, бавно, упорно и со децении. Во 1970-тите, независни квир филмовите почнале да се снимаат надвор од Холивуд. Во 1980-тите, кризата со СИДА ги форсирала во преден план. Во 1990-тите, „New Queer Cinema”, со режисери како Грег Аракy, Тод Хејнс и Гас Ван Сент ги донел квир приказните до поширока публика. Потоа дошле Оскарите. „Philadelphia” (1993), „Boys Don’t Cry” (1999), „Brokeback Mountain” (2005), „Milk” (2008), „The Kids Are All Right” (2010), „Moonlight” (2017) секој од нив е директен наследник на Stonewall. „Moonlight” го доби Оскарот за наjдобар филм. Десет години порано тоа би изгледало незамисливо. Педесет години порано апсурдно.

Квир приказните преминале од нешто за коешто режисерите не можеле да добијат финансирање до нешто за коешто ги добиваат наjпрестижните награди. Тоа не е само естетска промена, туку политичка промена изразена преку уметност.

Македонски агол: помеѓу видливост и стигма

Пет илјади километри од Stonewall Inn, во Скопје, пред една недела, се одржа осмиот Скопје Прajд. Патот до таму не бил лесен. Првиот Скопје Прajд кој се случил во 2019 година со неколку стотини учесници, под засилена полициска заштита, со контрапротести на десетина метри, сега прерасна во годишен политички чин на отпор и видливост.

Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, директно го именува напредокот и неговите граници:

-„Сите нека знаат“ е порака до институциите дека постоење на ЛГБТИК+ луѓето не може повеќе да биде игнорирано. Дека тоа не е тема што може да се стави под тепих, ниту група чии права може да се одложуваат затоа што не се политички приоритет. Кога институциите молчат пред насилство, дискриминација и говор на омраза, тоа молчење не е неутрално, тоа е соучество“, вели Уранија за Трн.

Но видливоста не е иста за сите. За некои тоа е ослободување, за други ризик. Тоа е разликата меѓу симболичниот напредок и системската промена. Македонија ги нема рамноправните бракови. Ги нема правата за посвојување. Го нема правното признавање на трансродовиот идентитет. Говорот на омраза кон ЛГБТИК+ луѓето останува широко распространет во јавниот простор, вклучувајки и меѓу политичари.

„Кога општеството е погодено од сиромаштија, корупција, нефункционално здравство, небезбедни јавни простори и недоверба во институциите, најлесно е вниманието да се пренасочи кон измислен непријател. Во нашиот контекст, тој непријател премногу често се ЛГБТИ луѓето. Куриозитетот е што дури и политички и идеолошки спротивставени групи многу лесно се здружуваат кога треба да бидат ‘против’ ЛГБТИК+ луѓето. Тоа е опасна, но добро позната стратегија: кога власта нема решенија, произведува непријатели“, објаснува Уранија

57 години: колку пати е потребно да се рече доста

Stonewall не бил прв бунт. Пред него Compton’s Cafeteria во Сан Франциско (1966), Dewey’s Restaurant во Филаделфија (1965), Black Cat Tavern во Лос Анџелес (1967). Но Stonewall бил оној кој го зафатил светот. Ниту Скопје Прajд не е прв. ЛГБТИК+ луѓето во Македонија биле присутни и видливи, но Прajдот е она кое ги зафаќа сите и ги прави невозможни за игнорирање.

Параlelата не е случајна. Секоj Pride е мало Stonewall,потсетување дека видливоста е политички чин, дека правата не паѓаат сами по себе и дека системот кој не те штити не заслужува тишина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс