Руски ракети врз Одеса и Харков, украински дронови го погодија Белгород

Ескалацијата на воздушните напади меѓу Русија и Украина донесе нови цивилни жртви, разурнати станбени објекти и оштетена енергетска инфраструктура.

Најмалку пет лица загинаа, а десетици се повредени во новите жестоки воздушни напади во Украина и Русија. Руските сили ноќеска извршија масовен комбиниран напад со повеќе од 200 дронови и ракети врз повеќе украински региони, при што најтешко беа погодени Харков и Одеса. Во исто време, украински беспилотни летала извршија удари врз пограничната руска област Белгород.

Во североисточниот град Харков, руски дрон погоди станбена зграда, уништувајќи четири ката. На местото на настанот загинаа две лица, а повеќе од 20 граѓани се повредени. Спасaсувачките екипи со часови расчистуваа урнатини во потрага по преживеани.

На удар беше и крајбрежната Одеса, каде што беа регистрирани напади со балистички, противбродски и противрадарски ракети, како и со дронови. Оштетени се електричната мрежа, пристанишниот комплекс и повеќе станбени објекти. Според локалните власти, во овој регион се повредени најмалку осум лица. Напади врз енергетска инфраструктура беа забележани и во Павлоград, каде меѓу повредените има и четири деца.

Украинското воздухопловство соопшти дека Русија лансирала вкупно 219 воздушни цели, од кои 202 биле дронови од различни типови. Системите за противвоздушна одбрана успеале да соборат или неутрализираат 174 беспилотни летала. За разлика од претходните извештаи, армијата овојпат не го објави точниот број на лансирани ракети.

Оваа постапка доаѓа по неколкунеделните предупредувања од претседателот Володимир Зеленски дека Украина се соочува со акутен дефицит на пресретнувачки ракети за системите „Патриот“, што го отежнува одбранувањето од балистички напади. Зеленски повторно побара поголем притисок, нови санкции кон Москва и итна испорака на дополнителни системи за воздушна одбрана.

Од другата страна на границата, руските власти соопштија за бран украински напади со дронови врз градот Белгород и околината. Според информациите од локалната администрација, во овие удари загинаа три лица, а над десетмина се хоспитализирани со повреди, меѓу кои и две деца.

Во нападите беа оштетени неколку станбени згради и приватни куќи, а избувнаа и пожари на паркирани возила. Руското Министерство за одбрана тврди дека изминатата ноќ биле пресретнати и уништени повеќе од 150 украински беспилотни летала над нејзина територија и над Црното Море.

Набљудувачите од Обединетите нации и меѓународните аналитички центри забележуваат дека иако копнената линија на фронтот е релативно статична, воздушната војна драстично се интензивира. Двете страни ги зголемуваат капацитетите за долгометражни удари, што директно се одразува врз цивилното население и критичната инфраструктура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс