Нафтата нагло поевтини по изборите во САД: Цената на Брент падна под 95 долари за барел

Цените на двата главни типа нафта паднаа за повеќе од осум отсто, откако изборниот пораз на републиканците ги зголеми очекувањата за смирување на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран. Врз пазарот влијаат и обновувањето на извозот од земјите од Персискиот Залив и дипломатските напори за прекин на судирите.

Цената на северноморската нафта Брент падна за повеќе од осум отсто, на помалку од 95 долари за барел, достигнувајќи го најниското ниво во последните два месеца. Цената на американската сурова нафта ВТИ исто така се намали за повеќе од осум отсто, паѓајќи под 88 долари за барел, што е најниско ниво во последниот месец, објави „Трејдинг економикс“.

Врз падот на цените влијаеле очекувањата дека може да дојде до смирување на конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави, Израел и Иран, по изборниот пораз на Републиканската партија на среднорочните избори во САД. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон засега не планира нови воени напади, но нагласи дека САД се подготвени да реагираат доколку биде потребно.

Во меѓувреме, продолжуваат дипломатските напори на Катар и Пакистан за завршување на конфликтот. Катарските претставници очекуваат одговори од двете страни на предлозите за решавање на кризата, иако извештаите укажуваат дека преговорите сè уште се далеку од постигнување договор.

На пазарот влијае и подобреното снабдување. Обновувањето на извозот од земјите во Персискиот Залив ја зголеми понудата на нафта од Блискиот Исток над краткорочната побарувачка, за првпат од јули. Сепак, податоците од САД покажуваат дека комерцијалните залихи на сурова нафта минатата недела се намалиле за 865.000 барели. Тоа е петти последователен неделен пад на американските резерви.


Инвеститорите сега ги проценуваат можностите за намалување на геополитичките ризици и нормализирање на испораките на енергенси од Блискиот Исток, што би можело дополнително да го намали притисокот врз глобалниот пазар на нафта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс