Руските власти ненадејно го откажаа традиционалниот меѓународен воен музички фестивал „Спаскаја кула“ на Црвениот плоштад во Москва, само четири дена пред неговиот планиран почеток. Организаторите соопштија дека манифестацијата се одложува за наредната година поради причини надвор од нивна контрола, додека откажувањето се случува во период на зачестени напади со беспилотни летала врз руската престолнина.
Организациониот одбор на фестивалот преку својот официјален канал на Телеграм објави дека 18-тото издание на манифестацијата се поместува за наредната година. Во краткото известување се наведува дека одлуката е донесена поради околности на кои организаторите не можеле да влијаат, а точните датуми за одржување ќе бидат дополнително објавени.
Фестивалот „Спаскаја кула“, кој според планот требаше да се одржи на Црвениот плоштад, претставува еден од главните воено-културни настани во Русија. На него редовно настапуваат воени оркестри и почесни единици од повеќе земји.
Ова е вторпат во историјата на фестивалот тој да биде откажан, претходниот пат тоа се случи во 2020 година за време на пандемијата од КОВИД-19. Настанот првпат се одржа во 2006 година, а од 2007 година традиционално се организира на Црвениот плоштад.
Откажувањето на военото дефиле следи по низа слични одлуки на руските власти. Во јуни годинава беше откажан и празничниот концерт по повод Денот на Русија, што претставуваше прв таков прекин во последните две децении. Покрај тоа, традиционалната парада за Денот на победата на 9 мај беше одржана во значително намален обем.
Откажувањето се случува непосредно по интензивните напади со дронови во регионот на Москва, што ги принуди властите дополнително да ги поострат безбедносните мерки околу клучните државни објекти.