Акциите на американската биотехнолошка компанија Модерна се удвоија на берзата Насдак по објавувањето на позитивните резултати од доцната фаза на клиничките испитувања за нејзината експериментална мРНА вакцина против рак на кожа. Терапијата развиена во соработка со фармецевтскиот гигант Мерк покажа дека успева да го спречи ширењето на меланомот на другите делови од телото кај пациенти со висок ризик.
Експерименталното лекување наречено Intismeran користи мРНА технологија, истата платформа што овозможи брз развој на вакцините против ковид-19. Во овој случај, терапијата се прави по мерка за секој поединечен пациент врз основа на детална анализа на мутациите пронајдени во неговиот тумор.
Вакцината се комбинира со имунотерапевтскиот лек Keytruda на компаниијата Мерк. Наместо општо делување, системот го тренира имунолошкиот систем на организмот сам да ги препознае и уништи специфичните канцерогени клетки.
По отворањето на берзата, цената на акцијата на Модерна се искачи од вчерашните 62,96 долари на над 126 долари, што претставува скок од над 100 проценти. Едновремено, акциите на Мерк пораснаа за повеќе од осум проценти. Аналитичарите од инвестициската банка Барклис проценуваат дека оваа комбинирана терапија за меланом би можела да оствари годишни приходи од околу три милијарди долари до 2035 година.
Тековното клиничко испитување опфаќа 1.137 пациенти со меланом во стадиум IIB до IV на кои туморот претходно им бил хируршки отстранет. Испитаниците примале до девет дози од персонализираната вакцина заедно со лекот Keytruda во период од една година.
И покрај силната реакција на инвеститорите, пазарните аналитичари предупредуваат дека патот до широка примена бара претпазливост. Пациентите и инвеститорите сè уште ги чекаат целосните податоци за стапката на преживување, а производството на персонализирани вакцини во големи количини е сложен и скап процес.
Претходните резултати од средната фаза на испитувањето покажаа дека терапијата го намалува ризикот од повторна појава на болеста или смрт за 49 проценти по пет години. Фокусот на истражувачите сега е насочен кон тестирање дали истата мРНА технологија може да даде резултати и кај други видови рак.