На 3 октомври во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана се одржа
концертот”Minimal horizons” ( „Минимални хоризонти“), на кој беше претставена
авторска музика за пијано и електронска трака на композиторката Ана Пандевска, во
изведба на пијанистката Дуња Иванова.
Спојот на пијаното со електронскиот звук ѝ понуди на публиката несекојдневно
музичко доживување и можност да се запознае со современото македонско музичко
творештво. Изведбата, која бара прецизна усогласеност на живиот настап со
електронската трака, беше проследена со големо внимание и воодушевени аплаузи.
Интересот за музиката и за творечкиот процес продолжи и по завршувањето на
концертот. Многубројните гости останаа да разговараат со Пандевска и Иванова,
споделувајќи ги своите впечатоци и поставувајќи прашања за претставениот проект.
Со овој настан, Македонскиот културно-информативен центар во Тирана ја продолжува
својата програма за промоција на македонските уметници и современото македонско
творештво пред публиката во Албанија.