Марија Петковска, 18 годишна девојка oд Скопје, насмеана и полна со енергија, е единствената од Македонија која успеа да стаса до Олимписките игри во Париз како волонтер. Во групата на 45000 волонтери и 2000 асистенти на делегации на возраст од 18 до 75 години, Марија го живееше олимискиот дух во срцето на Париз, помеѓу луѓе од различни култури и нации и помеѓу нејзините спортски идоли. За ова неверојатно искуство, за нејзината лична приказна за Олимписките Игри и за градот на светлината Париз, зборувавме по нејзиното враќање во Скопје.
– Тоа беше пред 2 години. Видов објава од Францускиот Институт во Скопје каде што се бараа волонтери за Олимписките игри во Париз и аплицирав. Во септември 2023 година ми стигна мејл дека сум примена на Олимписките игри. Самото сознание дека тоа се Олимписките игри, за мене беше неверојатно искуство.
Имав шанса да бидам асистент на Унгарската делегација. Им помагавме на спортистите, ги пречекувавме, ги придружувавме на натпревари…Буквално за се што да и требаше на делегацијата, ние бевме тука да помогнеме. Неверојатно искуство беше да се работи со овие спортисти- вели Марија која со помош од Францускиот културен центар и Француската амбасада во Македонија успеала да го оствари својот сон да биде волонтер на најголемиот спортски настан во светот.
Унгарската репрезентација од Олимпијадата се вратила со 19 медали вкупно, златни, сребрени и бронзени. Марија пак се врати полна со впечатоци.
– Неверојатно е се. Таму се чувствуваш како дел од таа делегација бидејќи навистина таа еуфорија се пренесува врз тебе и тоа беше едно неверојатно чувство, тоа не може да се опише со зборови, навистина. Јас пред се играм ракомет и ги сретнав буквално сите мои ракометни идоли, значи Карабатич, Стин Офтедал, сите од сите, бидејќи ракометарите беа сместени токму во Олимпиското Село. Ги сретнав и Новак Ѓоковиќ, Леброн Џејмс, Арманд Дуплантис и многу други – ни раскажува Марија.
Oна што особено било интересно за неа е отварањето на игрите и патувањето по Сена.
-Јас имав среќа да учествувам на церемонијата за отварање. Група волонтери бевме избрани од таму и имавме можност да бидеме на самите бродови за време на отварањето. Јас бев баш на бродот со Боливија, Боцвана и Босна и Херцеговина и беше доста интересно, убаво, неверојатно. Тоа дефинитивно беше еден од моментите кои нема да ги заборавам, исто како и искуството и дружењето со останатите волонтери додека ги вршевме обврските за нашата делегација. Многу беше интересно затоа што се погодивме доста компатибилни едни со други и навистина имаше една хармонија меѓу нас. Беше прекрасно- вели Марија.
Од Олимписките игри, за неа сепак најнезаборавен ќе остане олимпискиот дух на спортистите и на жителите на Париз.
-Мене многу ми беше фасцинантно како спортистите од сите култури, од сите земји од светот се сплотени на едно место и немаат никаков проблем едни со други. Значи имаше беспрекорна комуникација меѓу сите, мене ми беше многу мило кога ќе видев пример на улица од две репрезентации спортисти како заедно тренираат. Имаше маратонци кои вежбаа од две репрезентации. Трчаат заедно и си прават муабет. Тоа беше навистина интересно и секако Париз, неверојатно убав и среден, градот живееше тие денови во духот на Олимписките игри. Убава миризба имаше, убава атмосфера насекаде затоа што не само кај туристите од страна што доаѓаа во Франција, туку и кај самите жители на Париз, на Франција, се чувствуваше едно чувство на задоволство, среќа, восхит и гордост- вели Марија.
За неа е особено важен придонесот кон заедницата. Волонтирањето е начин како да се даде сопствен допринос и да му помогнеш на некого кому му е потребна помош.
-Би би рекла дека тоа е лична сатисфакција пред се. Не е само да се гледа од наша перспектива туку да се види и поголемата слика, дека се прави нешто поголемо. И затоа би ги охрабрила сите кои што се во можност да волонтираат буквално за било каков настан, тоа да го направат. Ова не е прв настан на кој што јас волонтирам и не е важно дали е голем, дали е мал, секогаш е многу битен придонесот, секогаш ќе се вреднува волонтирањето и во склад на тоа волонтирање секогаш има некои бенефити кои што на секого би биле од корист раскажува Марија.
Таа ова есен повторно се враќа во Франција. Овој пат на Универзитетот „Сорбона“ каде е примена на студии.
-Ме примија на Унивезитетот во Сорбона и ќе студирам информатика. Сега во септември ми почниваат студиите, значи прв сиклус студии додипломски студии. Информатика прва година е генерално, значи општи предмети има по математика, информатика, а од втора година се избира поконкретен смер и јас ќе изберам насока вештачка интелигенција – раскажува Марија.
Таа е една од оние прекрасни млади луѓе кои е привилегија да се запознаат. Нејзиниот ентузијазам, како и желбата да се гледа и да се доживее светот преку убавите работи, пленуваат. Но можеби најубавата работа кај неа е желбата да се биде корисен дел од заедницата во која се живее, се учи и се работи. Да се биде волонтер, да се даде нешто и да се помогне, за неа е императив и таа веќе размислува за следната Олимпијада во Лос Анџелес.