Здружението „Мајки на Сребреница“ остро ги осуди пораките на навивачите на Црвена звезда и Партизан со кои за време на белградското фудбалско дерби се величеше осудениот воен злосторник Ратко Младиќ. На трибините беше истакната голема фотографија на Младиќ, придружена со скандирање на неговата наредба од јули 1995 година, пред извршувањето на геноцидот врз бошњачкото население.
На трибините на синоќешниот натпревар во Белград, навивачките групи на двата клуба развија голема фотографија на Ратко Младиќ и ја скандираа неговата директива „Правец Поточари“. Станува збор за наредбата што поранешниот командант на војската на босанските срби ја издаде непосредно пред падот на енклавата и егзекуцијата на повеќе од осум илјади мажи и момчиња, злосторство за кое Хашкиот трибунал му изрече доживотна затворска казна.
Од здружението „Мајки на Сребреница“ нагласија дека ваквото однесување нема никаква врска со спортот или навивањето, туку претставува директно ширење омраза и повикување на нови злосторства.
„Правец Поточари не е навивање. Тоа е порака на омраза, повикување на геноцид и величење на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ. Но, денес Поточари имаат свои чувари, Мајките на Сребреница. Никогаш повеќе четничката идеологија нема да стапне во Поточари“, порачаа од здружението.
Паралелно со инцидентот на фудбалскиот терен, Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина упати критика до јавниот сервис на Република Српска. Повод за реакцијата беше директниот пренос на комеморативниот собир за Младиќ организиран во Белград, емитуван во програмата на Радио-телевизијата на Република Српска (РТРС).
Меѓународните претставници предупредуваат дека институционалното давање медиумски простор на личности осудени за најтешки воени злосторства ги поткопува напорите за регионално помирување и претставува директна навреда за преживеаните и семејствата на жртвите.