Европската Унија не смее да ги заобиколи земјите од Западен Балкан во процесот на проширување, предупреди унгарскиот премиер Петар Маѓар, истакнувајќи дека секој нов пристап кон Украина мора да биде праведен кон државите кои веќе со години преговараат за членство.
Во изјава пред состанокот на Европскиот совет во Брисел, Маѓар нагласи дека забрзувањето на преговарачките кластери за Украина не смее да се случи на сметка на Западниот Балкан, бидејќи тоа би испратило негативна политичка порака до регионот. Тој посочи дека во рамки на ЕУ постојат различни ставови за динамиката на проширувањето кон Украина, при што дел од земјите се залагаат за брзо отворање на сите кластери, додека други поддржуваат пофазен и постепен пристап.
Маѓар нагласи дека унгарската позиција останува дека процесот мора да се базира исклучиво на индивидуални заслуги на секоја земја кандидат, без политичко забрзување или прескокнување на стандарди. Тој исто така го поздрави договорот со Киев во однос на правата на унгарското малцинство во Закарпатија, кој, како што рече, придонел за отворање на првиот преговарачки кластер за Украина.
На крајот, унгарскиот премиер истакна дека за секоја одлука за проширување е неопходен консензус меѓу сите 27 земји членки на ЕУ, додавајќи дека иако постигнувањето договор е сложено, во минатото Унијата веќе успеала да најде заеднички став по тешки прашања.