Шарпланинскиот регион викендов беше дел од голема еколошка акција на патот меѓу селата Лешок и Варвара, во која од природата беа отстранети 10 тони отпад.
Акцијата беше спроведена во координација со мештаните од Варвара и претставници на Националниот парк Шар Планина. Според информациите, целиот собран отпад е предаден на лиценцираната компанија „Ekopark NB“, со што е спречено понатамошно загадување на почвата и подземните води.
Зад иницијативата стои Здружението на пчелари „Полошки Мед“, кое најавува дека исчистениот простор нема да остане само обичен патен правец, туку треба да прерасне во едукативна пешачка патека со информативни табли, мини парк прилагоден да биде „пријател на пчелите“ и место за одмор со клупи за посетителите.
Целта на овој зафат е децата и младите преку непосреден престој во природа да се запознаат со биодиверзитетот на Шара и со значењето на пчелите за екосистемот и за секојдневниот живот.
Оваа активност е дел од поширокиот проект „Малите херои на природата“, кој е финансиски поддржан од Европската Унија преку програмата „Зелена младина, зелен раст“.
Објавата за спроведената акција доаѓа на Денот на Земјата, 22 април, со порака дека ваквите активности не треба да се сведат само на симболични еднодневни настани, туку да се сфатат како долгорочна обврска за зачувување на Шар Планина.