Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека САД се длабоко вмешани во украинските напади на руска територија и дека Москва веќе упатила официјално барање до Стејт департментот за објаснување. Според Лавров, американската поддршка за Киев не се ограничува само на воена опрема, туку вклучува и директна достава на разузнавачки податоци кои се користат за планирање и изведување напади врз цивилни цели во внатрешноста на Русија.
Лавров во обраќање на руската државна телевизија потврди дека Москва побарала прецизни одговори од американските дипломати. Според него, САД директно учествуваат во подготовката и реализацијата на воените операции на руска почва.
„До Стејт департментот поставивме низа прашања, вклучувајќи го и прашањето за разузнавачките податоци и фактот дека САД се силно вмешани во подготовката и изведувањето напади врз цивилни мети длабоко во руската територија. Чекаме одговор“, изјави Лавров.
Заедно со обвинувањата кон Вашингтон, шефот на руската дипломатија најави дека Москва дополнително ќе ги интензивира воените дејствија за да го прекине ланецот на снабдување со западно оружје.
„Нашите методи ќе бидат многу посилни за да запреме сè што од Запад ја зајакнува воената машина на Киев. Подготвени сме да го направиме тоа“, порача Лавров, сигнализирајќи можна ескалација на ударите врз логистичките рути во Украина.
Запрашан за евентуално продолжување на мировните преговори, Лавров истакна дека процесот меѓу Русија и Украина застанал во февруари, кога вниманието на САД се пренасочило кон конфликтот во Иран.
Тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин останува подготвен да ги прими американските пратеници доколку повторно дојдат во Русија, но со јасна порака: „Прашањето е што ќе донесат со себе“.