Ламборгини оствари приходи од 1,74 милијарди евра во првото полугодие, што претставува зголемување за 7,4 отсто во споредба со истиот период лани. И покрај тоа што италијанскиот производител испорача 5.422 автомобили или 4,6 проценти помалку во однос на истиот период во 2024 година, компанијата забележа оперативна добивка од 395 милиони евра.
На падот на испорачаните возила меѓу јануари и јуни влијаат повеќе надворешни фактори. Од компанијата посочуваат дека врз резулатите влијаеле повисоките американски царини што беа воведени во 2025 година, послабата побарувачка на кинескиот пазар, судирите на Блискиот Исток и општата економска несигурност во Европа.
Финансискиот директор Паоло Пома изјави дека бизнисот се соочува со нестабилно макроекономско опкружување и неповолни тековни флуктуации. Сепак, тој нагласи дека овие предизвици не ја нарушија позицијата на марката меѓу водечките производители во луксузниот сегмент.
Падот во испораката се случи во период кога започнаа првите испораки на новиот модел Темерарио, кој е наследник на познатиот Хуракан. Италијанскиот производител не објави точни бројки за продажбата на овој модел, но очекува тој да ја продолжи традицијата на неговите претходници.
Во втората половина од годината компанијата го најавува почетокот на продажбата на Урус СЕ Перформанте, кој беше претставен во јули. Овој плаг-ин хибриден модел користи 4,0-литарски В8 битурбо мотор комбиниран со електромотор, испорачувајќи вкупно 801 коњска сила и забрзување до 100 километри на час за 3,3 секунди.