Паузите за вода на Мундијалот и на Кока-Кола ѝ донесоа рекорден профит

Приходите пораснаа над очекувањата, а акциите на компанијата достигнаа рекордна вредност откако Powerade профитираше од новото правило.
Фото: EPA/AMY KONTRAS

Кока-Кола во второто тримесечје оствари приходи од 13,37 милијарди долари, шест отсто повеќе на годишно ниво и над проекциите на аналитичарите. Финансискиот директор Џон Марфи вели дека паузите за хидратација на Светското првенство го поттикнаа растот на продажбата на брендот Powerade, а компанијата ги крена целите за 2026 година.

Додека навивачите се жалеа дека паузите за освежување го успоруваат ритамот на натпреварите, најголемиот спонзор на Светското првенство, Кока-Кола, извлече корист од нив. Паузите ги делеа натпреварите на четири дела и отворија дополнителен простор за рекламирање на брендови, а им ги зголемија приходите и на телевизиите што ги пренесуваа натпреварите.

Финансискиот директор на Кока-Кола, Џон Марфи, во изјава за Ројтерс рече дека не е сигурен дали паузите за хидратација ќе станат траен дел од фудбалот. Компанијата, според него, не била незадоволна од нивниот ефект за време на турнирот, а посебно го издвои растот на продажбата на брендот Powerade.

Приходите на Кока-Кола во второто тримесечје, без ефектот на промените на девизниот курс и другите споредливи фактори, пораснаа околу шест отсто, на 13,37 милијарди долари. Тоа е над проекциите на аналитичарите, кои очекувале 13,16 милијарди долари, според податоците на LSEG.

Аналитичарот на BNP Paribas, Кевин Гранди, оцени дека клучното прашање е дали Светското првенство, без разлика дали поради паузите за хидратација или поради друга причина, ќе донесе одржливо зголемување на побарувачката. Според него, еднократниот скок на продажбата нема иста вредност.

Акциите на Кока-Кола достигнаа рекордна вредност од 90,13 долари. Вчера пораснаа за седум отсто, што за компанијата би бил најдобар дневен резултат од јуни 2009 година.

Компанијата објави генерално позитивни квартални резултати. Растот на продадените количини и на профитните маржи ги надоместија поголемите трошоци за влезните суровини. Марфи призна дека трошоците за алуминиум и ПЕТ-амбалажа оваа година пораснаа повеќе отколку што Кока-Кола очекуваше.

До растот на трошоците дојде поради војната во Иран, која ги наруши испораките на енергенси и предизвика скок на цените на горивото. Кока-Кола во април објави дека соработува со своите дистрибутери за да ги ублажи последиците. Пред почетокот на пречките во февруари, компанијата успеа да обезбеди пониски цени за дел од набавките.

Трошоците би можеле да продолжат да растат ако конфликтот трае подолго. Неколку компании, меѓу кои и PepsiCo, предупредија на инфлација на производните трошоци во втората половина на годината. Кока-Кола во октомври ќе објави повеќе детали за очекувањата поврзани со тие трошоци во 2027 година.

Акциите на Кока-Кола оваа година пораснаа околу 20 отсто и ги надминаа резултатите на конкурентот PepsiCo. Компанијата претходно ги зголеми цените, понуди помали пакувања и вложи во одредени производи од своето портфолио, вклучувајќи готови чаеви и млечни производи на брендот Fairlife.

Кока-Кола сега очекува органскиот раст на приходите во 2026 година да изнесува околу пет отсто, наспроти претходната цел од четири до пет отсто. Компанијата предвидува и раст на споредливата заработка по акција од девет до десет отсто, наспроти претходната проекција од осум до девет отсто.

е-Трн да боцка во твојот инбокс