Ако планирате планинарење низ Европа ова лето и сакате вистинско бегство во природа, новата анализа ги открива најнедопрените национални паркови на континентот, места каде природата останала речиси недопрена од човекот. Истражувањето, објавено од британската платформа Love Velo, рангира 75 национални паркови според критериуми како биодиверзитет, број на заштитени подрачја и ниво на вештачко осветлување.

На врвот на листата се наоѓа Националниот парк Рила во Бугарија, кој со 28 заштитени подрачја и надморска височина од околу 1.400 метри нуди импресивни природни пејзажи. Неговата најголема атракција се Седумте Рилски Езера – глечерски езера опкружени со густа борова шума, кои важат за едни од најубавите природни локации на Балканот.
На второто место е Сиера Невада во Шпанија, каде во релативно кратка дистанца може да се премине од снежни планински врвови до медитерански плажи. Овој парк нуди уникатна комбинација на африкански и европски природни влијанија.
Третото место го зазема Националниот парк Триглав во Словенија, познат по реката Соча и Јулијанските Алпи, што го прави идеален за љубители на авантуристички спортови и планинарење.
На четвртата позиција е Националниот парк Кабанерос во Шпанија, кој се издвојува по својата биолошка разновидност со повеќе од 220 видови птици, меѓу кои и шпанскиот царски орел и црниот лешинар.
Петтото место го зазема Националниот парк Хоe Таурен во Австрија, најголемиот парк во Алпите, со повеќе од 300 глечери и врвови повисоки од 3.000 метри, вклучувајќи го и Гросглокнер.

Во однос на големината, доминираат северните земји. Паркови како Урхо Кеконен и Леменјоки во Финска, како и Фулуфјелет и Абиско во Шведска, се издвојуваат по огромната површина и речиси целосното отсуство на вештачка светлина – идеални услови за набљудување на ѕвезденото небо.
За љубителите на височини, пак, водечки се парковите во Франција и Италија, како Ваноаз, Екрен, Гран Парадизо и Стелвио, сите со просечна надморска височина над 2.000 метри. Иако не се на врвот, Германија има шест паркови во топ 75, но тие се рангирани пониско поради поголемо човечко влијание.
Истражувањето доаѓа во време кога европските природни подрачја се соочуваат со растечки притисок од масовен туризам и климатски промени. Како одговор, Европската унија ја усвои Законот за обнова на природата, кој од 2024 година ги обврзува земјите не само да ја заштитат, туку и активно да ја обновуваат природата.
Ова значи дека во иднина ваквите недопрени природни оази ќе станат уште повредни и уште позаштитени.