Враќањето на киселина од желудникот, нарекувана горушица или жиговина, е чест проблем што предизвикува непријатност т.е. печење во градите, тешкотии при голтање итн., што, ако се јавува почесто – Ви го нарушува квалитетот на животот.
Жиговината често е предизвикана од лошите навики во исхраната: Прекумерно консумирање нездрава храна, алкохол, од стрес, пушење, дебелина, па дури и одредени медицински состојби како хернија или бременост. Сепак, постојат природни начини за ублажување на овие непријатности, а промените во навиките во исхраната и употребата на билки и некои други состојки може значително да помогнат во намалувањето на киселоста на желудникот.
Ѓумбирот, на пр., е познат по своите антиинфламаторни својства и може да биде корисен за смирување на дигестивниот систем и спречување на жиговина. Чајот од ѓумбир пред јадење е особено препорачлив, но важно е да се пие умерено, бидејќи прекумерната употреба може да има спротивен ефект.
Натаму… Иако на прв поглед изгледа контрадикторно, и јаболковиот оцет може да помогне во урамнотежувањето на киселоста во желудникот. Се препорачува да се консумира разредена со вода, пред јадење и – во мали количини за да се избегне иритација на желудникот.
Покрај досега наведените намирници, важно е да се променат и лошите навики во исхраната и начинот на живот, за да се ублажи и спречи жиговината. Во таа смисла, прескокнувањето на појадокот може да предизвика зголемено лачење стомачна киселина. Наместо тоа, лесен оброк со овесна каша, банана и бадеми, којшто е богат со влакна – е одличќен за одржувањето здрав систем за варење на храната.
И бадемите се природни антациди што ја неутрализираат стомачната киселина. Јадењето само неколку бадеми после оброк може да ги ублажи симптомите на жиговина.
Масната и пржената храна, исто така, може да ги влошат симптомите на горушица. Затоа, наместо тоа, изберете оброк со разновидна, лесна и хранливо-калорична храна, како што се супите од зеленчукили пилешките салати.
Јадењето храна непосредно пред спиење е следната лоша навика. Се препорачува последниот оброк да биде најмалку два часа пред спиење. А, во таа насока, печена риба со зеленчук е речиси совршен избор.
Со прифаќањето и примена на овие совети, горушицата може значително да се ублажи и, со тоа, да го подобрите Вашето дигестивно здравје. Редовните промени во навиките во исхраната и рутините на животниот стил се клучни за долгорочно намалување на опасностите од жиговина.