„Киненова“ отвора со „Три недели подоцна“, насилството меѓу младите во фокус

Со социјалната драма „Три недели подоцна“ на Мирослав Терзиќ, на 14 октомври во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се отвори 11. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“.

Под мотото „На прво светло“, фестивалот годинава го насочува вниманието кон насилството меѓу младите, а по отворањето проекциите продолжуваат во киносалите во Кисела Вода и Драчево.

Изборот на филмот за отворање е поврзан со намерата да се поттикне разговор за проблемите со кои се соочуваат младите, истакна директорот на фестивалот Небојша Јовановиќ на прес-конференцијата. Терзиќ, кого публиката на „Киненова“ го познава по „Шавови“, во новото дело ги истражува насилството и општествената средина во која растат средношколците.

Јовановиќ ја пренесе и пораката на режисерот дека филмот не се занимава само со булингот, туку со насилството што станува секојдневен јазик на изразување на младите.

Главната фестивалска програма содржи шест долгометражни филмови. Покрај „Три недели подоцна“, избрани се „In the Shadow“ на Салем Салавати, „Yesterday the Eye Didn’t Sleep“ на Ракан Мајаси, „Fantasy“ на Кукла Кешеровиќ, „Kurak“ на Ерке Џумакматова и „The Shoes of My Father“ на Христо Симеонов.

Според Јовановиќ, иако селекцијата не е составувана според однапред зададена тема, во неа се издвојуваат женската перспектива и приказните за ранливите групи.

Гостин и лауреат на годинешното издание ќе биде турскиот режисер Емин Алпер, кој доаѓа со својот долгогодишен соработник, монтажерот Озкан Вардар. Во негова чест ќе биде прикажан дебитантскиот долгометражен филм „Зад ридот“.

Албанија е земја во фокус, со три наслови: „Засолниште меѓу облаците“ на Роберт Будина, „Напуштајќи го рајот“ на Генц Пермети и „Танцувајќи со облаците“ на Плутон Васи. Програмата вклучува и шест филмови во меѓународната краткометражна селекција, како и шест кратки филмови од грчкиот фестивал во Драма.

Темата за врсничкото насилство се обработува и надвор од проекциите. На 5, 6 и 7 октомври се одржува детската работилница „Снимај паметно, остави трага“, под менторство на режисерката Марија Џиџева и во соработка со Општина Кисела Вода.

Учениците ќе ги поминат основите на филмското раскажување, сценариото, снимањето и монтажата, а кратките филмови што ќе ги создадат ќе бидат прикажани на фестивалот. Џиџева посочи дека целта е преку нивните приказни возрасните подобро да разберат како децата ги доживуваат булингот и сајбернасилството.

На прес-конференцијата беше отворено и прашањето за финансирањето. Уметничката директорка Гена Теодосиевска изрази незадоволство што, според неа, поддршката за „Киненова“ останала на минатогодишното ниво, додека други фестивали добиле повисоки буџети. Таа укажа и на слабата киномрежа и недоволната поддршка за развој на публика за авторскиот филм.

Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм и од Општина Кисела Вода, чии киносали годинава ќе бидат домаќини на програмата по свеченото отворање во МКЦ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс