Киев бара дозвола од Маск за удари со Старлинк во Русија

Украина сака со сателитски водени дронови да гаѓа ракетни лансери длабоко во руска територија, но клучниот контакт во Киев веќе не е на функција.

Украинските власти бараат одобрение од Илон Маск за користење на сателитската мрежа Старлинк при напади со дронови врз руски лансирачи на балистички ракети на оддалеченост до 200 километри внатре во Русија. Ова барање доаѓа во момент кога Киев се соочува со акутен недостиг на ракети за противвоздушна одбрана, објави Фајненшл тајмс повикувајќи се на упатени извори.

Балистичките ракети остануваат најголемата закана за украинските градови и енергетската мрежа. Киев се потпира речиси исклучиво на американскиот систем Патриот за нивно пресретнување, но залихите на овие ракети се при крај.

Претседателот Володимир Зеленски побара дополнителни пресретнувачи од САД и европските сојузници. Сепак, зголемената потрошувачка на муниција на Блискиот Исток создаде глобален недостиг на американско оружје од овој тип. Воените аналитичари проценуваат дека Украина тешко ќе обезбеди доволно ракети за да ја задржи досегашната пасивна одбрана, па затоа фокусот се префрла на уништување на лансерите пред ракетите да бидат испукани.

За реализација на овие напади неопходна е директна дозвола од сопственикот на СпејсИкс, Илон Маск. Старлинк има географски ограничувања поставени за да се спречи негова употреба во офанзивни дејства длабоко на територијата на Русија.

Преговорите дополнително ги отежнува фактот што поранешниот министер за дигитална трансформација и одбрана, Михајло Федоров, кој ја одржуваше директната комуникација со Маск и технолошкиот сектор од Силициумската долина, неодамна беше разрешен од функцијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс