Јужна Кореја тестира рута низ Арктикот за да стигне до Европа

Јужнокорејскиот контејнерски брод „ПанСтар Акро“ ја започнува првата комерцијална тест-пловидба од пристаништето Бусан кон Европа преку Арктичкиот Океан. Поради глобалното затоплување и намалувањето на мразните површини во септември, оваа рута нуди значително пократко време на транспорт. Сепак, замислата на Сеул да воспостави редовна линија до 2030 година наидува на загриженост кај западните сојузници, бидејќи пловидбата бара формални дозволи и координација со Русија.

Бродот ја започнува пловидбата од Бусан, а крајните дестинации се европските пристаништа Феликсстоу во Велика Британија, Ротердам во Холандија и Гдањск во Полска. Според проценките на операторот „ПанСтар“, целото патување во двата правци ќе трае меѓу 40 и 45 дена. Септември е избран како најповолен месец бидејќи тогаш нивото на арктичкиот мраз е на годишен минимум, што гарантира побезбедни услови за бродскиот сообраќај.

Тестирањето е дел од пошироката стратегија на администрацијата на претседателот Ли Џе Мјунг. Властите во Јужна Кореја планираат до 2030 година Арктикот да стане редовна трговска рута, со што Бусан би се позиционирал како главен глобален поморски јазол. Со оваа иницијатива, Јужна Кореја им се придружува на Кина и Русија, кои веќе реализираа слични пробни пловидби на северниот коридор.

Иако рутата носи економска заштеда на време и гориво, проектот отвора сериозни дипломатски несогласувања. За поминување низ овие води, Сеул мораше да побара официјални дозволи од Москва, што е во спротивност со напорите на западните земји за изолација на руската економија. Дипломатски претставници од западните држави веќе изразија незадоволство од ваквиот чекор, истакнувајќи дека координацијата со Кремљ го нарушува задедничкиот притисок врз Москва.

е-Трн да боцка во твојот инбокс