Јапонија погуби маж кој во 2009 година подметна пожар во кој загинаа пет лица

Јапонските власти ја извршија првата смртна казна по повеќе од една година над 58-годишниот Сунао Таками, кој со бензин запали популарна играчница во Осака.

Јапонија утринава ја изврши првата смртна казна по повеќе од една година, погубувајќи го 58-годишниот Сунао Таками. Тој беше осуден за подметнување пожар во салон за пачинко-игри во Осака во 2009 година, при што загинаа четири посетители и еден вработен. Министерството за правда соопшти дека заповeдта за егзекуција со бесење била донесена по темелно разгледување на сите судски списи.

Инцидентот се случи во 2009 година кога Таками истури бензин и го запали објектот за игри, кој се наоѓал во близина на неговиот дом. За време на судењето, судскиот совет составен од тројца судии и шестмина поротници целосно ги отфрли тврдењата на одбраната дека тој бил непресметлив во моментот на подметнувањето на пожарот. Со тоа, во 2011 година му беше изречена конечната смртна пресуда.

Утринското погубување е прво откако администрацијата на премиерката Такаичи го презеде управувањето со земјата. Воедно, ова е прво извршување на смртна казна во Јапонија по јуни минатата година, кога беше погубен Такахиро Шираиши, познат во јавноста како „убиецот од Твитер“, осуден за убиство на девет лица.

Јапонија и Соединетите Американски Држави остануваат единствените две земји од групата Г7 кои сè уште ја практикуваат смртната казна. Иако анкетите покажуваат дека јапонската јавност сè уште силно ја поддржува оваа мерка, меѓународните организации за човекови права упатуваат жестоки критики. Главните забелешки се однесуваат на строгата изолација во која осудениците минуваат години, како и на праксата за егзекуцијата да бидат известени само неколку часа пред бесењето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс