Израелски воздушни напади ја погодиле воздушната база Абу Духур во северозападна Сирија, објави сириската државна телевизија.
Според нејзините информации, пистата на базата во провинцијата Идлиб била погодена осум пати. Причинета е материјална штета, но нема информации за жртви.
Израелската војска засега не го коментираше нападот, а ниту турските власти веднаш не се огласија.
Базата, според набљудувачи, ја обновувала Турција
Сирискиот опсерваториум за човекови права, организација со седиште во Велика Британија која ги следи воените случувања во Сирија, објави дека во базата претходно престојувале странски борци, но дека неодамна биле замолени да ја напуштат.
Опсерваториумот наведе и дека Турција, која е најголем поддржувач на сириската влада, ја обновува воздушната база што со години не била во функција за време на сирискиот конфликт.
САД изразија загриженост
Американскиот амбасадор во Турција и специјален пратеник за Сирија, Том Барак, на социјалната мрежа X напиша дека Вашингтон е „длабоко загрижен“ поради потврдените израелски воздушни напади врз базата Абу Духур.
Тој оцени дека нападите претставуваат „непотребна ескалација“ што не придонесува за регионална стабилност.
Барак додаде дека владата на привремениот сириски претседател Ахмад ал-Шара не зазела „предаторски став“ и повеќепати покажала подготвеност за смирување на тензиите со Израел.
Според него, САД и досега организирале разговори меѓу страните, а ќе продолжат да го прават тоа и во иднина, со цел да се поттикне дипломатски процес наместо нова воена ескалација.
Растат тензиите меѓу Израел и Турција околу Сирија
Тензиите меѓу Израел и Турција околу Сирија се зголемуваат по падот на владата на Башар ал-Асад во декември 2024 година, кога бунтовниците влегоа во Дамаск.
По падот на Асад, Израел изведе стотици воздушни напади низ Сирија.
Минатата година израелски напади со дронови во јужно предградие на Дамаск убија осум војници, а други беа ранети.
Новите власти во Дамаск порачаа дека не сакаат конфликт со Израел, но Израел и натаму гледа со сомнеж кон владата што ја предводат поранешни исламистички бунтовници.