Search
Уметност со порака

Изложба посветена на надежта, издржливоста и убавината на давањето

„Промени го крајот на нечија приказна“ на Воскресија Андреевска e пораката која ја
понесе првата награда на конкурсот за најдобар слоган за органодонорство и
трансплантација кој е дел од Проектот на Делегацијата на Европската унија и на
Минстерството за здравство. Од над 120 пристигнати дела на конкурсот, покрај
Андреевска наград за најдобро лого доби Гоце Велески а Ана Тасева ја освои наградата за
најдобар постер. Средношколците Амра Седиковиќ, Давид Манасијевиќ и Адријана
Мирчевка, се тројцата автори, креативци кои ги понесоа наградите за најдобри решенија
на за средношколци.

На изложбата која се отвори на почетокот на неделата во Ист Гејт, беа
претставени 20 внимателно избрани уметнички дела нудат единствена перспектива на
приказната за органодонорство и трансплантација, истражувајќи ги темите на надежта,
издржливоста и убавината на давањето. Сите дела се извонреден приказ на креативност и
сочувство што го слави длабокото влијание на донирањето органи и трансплантацијата.
Со дела од искусни дизајнери и од ветувачки таленти, оваа изложба е доказ за моќта на
уметноста да инспирира промени.

„Изложбава беше многу дамнешна желба, моја и на Адријана, да ете некако ја претопиме
целата наша медицинска работа во нешто што ќе ги допре сите граѓани. Крајните дела за
мене беа стварно единствено искуство бидејќи како што знаете ние докторите сме малку
занесени во медицината и по малку и досадни, и ова за мене беше впловување во
некакви други води кои што се уметнички и емотивни. Мило ми е што гледам дека луѓето
ја разбрале нашата порака и сето тоа што го работиме. Иако беше тешко да се изберат
најдобрите решенија сепак мене ми беше уживање. Видов колку фантазија и колку љубов
има во луѓето кои што аплицирале. Идеи и решенија кои што беа стварно фантастични. Но
исто така она што мене ми беше важно, да низ сето ова да учествуваат многу луѓе кои што
разбрале за што се работи и кои што ја на некој начин, низ своите цртежи, логоа и
слогани, ја допреле човечката димензија, односно човечката љубов“, објаснува проф. д-р
Маја Маја Мојсова Мијовска, Национален координатор за трансплантација.

Награда за најдобро лого на Гоце Велевски


Изложба е повеќе од само уметнички потфат – таа е витален дел од определеноста на
општеството да го поддржи системот за трансплантација во Република Северна
Македонија. Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир кој ја отвори изложбата ја нагласи важноста
на органодонорството.


-Ми се допадна изложбата премногу, бидејќи е таков опсег на талент и креативност.
Сметам дека важното нешто е да се зголеми свеста за органодонорство и вредноста и важноста за тоа. Донирајќи орган можеш да дадеш живот на некоја личност. И овие
илустрации, овие постери, овие логоа навистина ја опфаќаат природата на човекот. Ние во
Европската Унија сме навистина горди на можноста да ја поддржиме програмата за
донација и трансплантација тука во Северна Македонија, што достигнува многу високи
стандарди- смета Гир.

Победничкиот слоган на Воскресија Андреевска


За најдобрите решенија и за делата кои беа дел од изложбата, одлучуваше петчлено
жири кое го сочинуваа, Дита Старова Ќерими, ликовен уметник, Зоран Кардула, дизајнер,
Томислав Георгиев, фотограф, Маја Мојсова Мијовска, Национален координатор за
трансплантација, Радмила Живановиќ, психолог. Во своето образложение жирито вели
дека пристигнатите дела, манифестираат голема посветеност на авторите, без разлика на
нивната возраст и професионален бекграунд.


„Авторите креирале дела полни со надеж и со асоцијации за поинаква, посветла иднина.
Во едно брзо време на живеење, навистина дале значаен придонес во комуникацијата на
една ваква осетлива тема“, стои во описот за изложбените дела на авторите.
Младата Амра Садикович е една од добитничките на наградите. Со своето дело таа ја
освои правата награда од жирито во конкуренција на средношколци.
-Мислам дека органодарувањето е многу важно затоа што е хумано, тоа е некако како
сочуство, еден човек со друг. Можеш ете некому да му помогнеш, со тоа што ќе му дадеш
еден дел од себе. Иако може да биде многу големо нешто, но и понекогаш мала помош
може да стигне до големо нешто – вели Амра чие дело навистина инспира.


Трансплантацијата е медицински процес, но истовремено е и еден општествен процес
што отвора важни прашања како што се хуманост, емпатија и љубов. Кога се зборува за
трансплантација, неминовно се зборува и за органодонорство, за хуманост, за љубов, за
грижа, за одлуки кои менуваат нечиј живот. Живо за жал не може да се купи, ама ете,
може да се подари. И тоа е таа убава страна на трансплантацијата. Моќта да се промени
крајот на нечија приказна и да се најде утеха за сопствената болка во тоа дека дел од
нивните блиски продолжува на некој начин да живее. Тоа ново пулсирање на животот,
помислата дека некој некаде живее подобро, за миг, носи утеха и некакво спокојство. Тоа
е врвен знак на хуманост, емпатија, на љубов. Грижа за другиот, кое само по себе е и
значењето на животот.

Најново

Последни колумни