Иран бара САД да признаат пораз, Трамп порача: Поскапиот бензин е мала цена за безбедност

Иран порача дека Ормускиот Теснец ќе се отвора и затвора под негова команда, додека Трамп ги повика Американците да прифатат повисоки цени на бензинот поради конфликтот.

Иран ги повика Соединетите Американски Држави да „ја признаат реалноста на поразот“, додека американскиот претседател Доналд Трамп порача дека повисоките цени на горивото се цена што Американците треба да ја прифатат додека трае конфликтот со Техеран.

Засега нема напредок кон мировни преговори, ниту кон нормализирање на движењето на нафтените танкери низ стратешкиот Ормуски Теснец, еден од најважните поморски правци за светската трговија со нафта.

Иран: Ормускиот Теснец ќе се отвора и затвора под наша команда

Иранскиот заменик-министер за надворешни работи Казем Харибабади на платформата X порача дека Ормускиот Теснец ќе се отвора и затвора „само под иранска команда“.

„Сè додека не ја прифатите реалноста на поразот и не престанете да се препуштате на фантазии, Иран ќе продолжи да ја спроведува блокадата“, напиша Харибабади.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи изјави дека Техеран сè уште не одлучил дали ќе ги продолжи разговорите со Вашингтон. Според него, САД мора да исполнат услови поврзани со Ормускиот Теснец за повторно да се нормализира бродскиот сообраќај низ тој поморски правец.

Трамп: Малку поскап бензин вреди за безбедноста

Трамп, пак, ги повика Американците да прифатат нешто повисоки цени на бензинот додека трае конфликтот со Иран.

На политички собир во Гарден Сити, Њујорк, тој рече дека плаќањето „малку повеќе за бензин“ вреди ако со тоа се спречи „многу зла земја“ да дојде до нуклеарно оружје.

Просечната цена на галон бензин во САД изнесувала околу 4,08 долари, што е за 29 проценти повеќе од пред една година, според Американското автомобилско здружение.

Овој раст на цените веќе предизвикува политички притисок. Трамп во кампањата ветуваше намалување на трошоците за енергија, додека демократите се обидуваат последиците од војната да ги наметнат како тема пред изборите за Конгресот во ноември.

Трамп: Правиме услуга за целиот свет

И покрај остриот тон на Иран, и во Техеран се чувствуваат економските последици од конфликтот.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на државната телевизија ги обвини американската блокада на иранските пристаништа и санкциите врз извозот на нафта за високата инфлација во земјата.

Трамп и американскиот министер за финансии Скот Бесент најавуваат дополнителен финансиски притисок врз Иран. Бесент изјави дека следната недела ќе бидат објавени нови мерки против Техеран.

„Она што го правиме е голема услуга за светот, не само за нас самите. Навистина правиме одлична работа“, рече Трамп.

Само два брода поминале низ Ормускиот Теснец

Според анализа на компанијата Kpler, само два брода поминале низ Ормускиот Теснец во текот на вчерашниот ден.

Иако дел од бродовите можат да минуваат незабележано со исклучени транспондери, тие бројки се далеку од околу 130 бродови дневно, колку што минувале низ теснецот пред војната.

Бродовите што се обидуваат да пловат без иранско одобрение, според извештаите, ризикуваат напади со ракети или дронови.

Националната нафтна компанија на Абу Даби соопшти дека два нејзини брода биле нападнати додека минувале низ теснецот, а државната агенција на Обединетите Арапски Емирати WAM објави дека уште еден брод бил нападнат следниот ден.

Примирјето се распаѓа, расте стравот од поширок конфликт

Прелиминарниот договор од јуни за завршување на војната е во распаѓање.

„Не добивме примирје што сега би сакале да го продолжиме. Имавме ‘крај на војната’, а сега настана нова ситуација“, порача Аракчи.

Нападите на Хутите во Јемен, кои имаат поддршка од Иран, повторно ја зголемија загриженоста дека конфликтот може да се прошири во регионот.

Меѓународно признатата влада на Јемен соопшти дека Хутите испукале шест балистички ракети врз пристаништето Мока на Црвеното Море, при што загинале четворица цивили.

Од друга страна, агенцијата SABA, контролирана од Хутите, цитираше воен извор кој тврди дека групата со дрон целела објект на Aramco во саудискиот град Наџран.

е-Трн да боцка во твојот инбокс