Imagine Macedonia 2026: Се избира македонскиот претставник за меѓународното финале во Брисел

Во петок, 9 октомври, со почеток во 20:00 часот во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамки на фестивалот „Здраво Млади“, ќе се одржи националното финале на Imagine Macedonia 2026, во организација на Музичка младина на Македонија.

На сцената ќе настапат The Last Thing You Said, Немеза, Нема назад, Персеида и Yамка, млади бендови од домашната алтернативна музичка сцена со различни музички изрази – од инди и алтернативен рок, преку пост-хардкор и shoegaze, до метал и неговите современи поджанрови. Во ревијалниот дел ќе настапи СРЖ – алтернативен рок бенд од Скопје.

На крајот на вечерта, стручно жири ќе го избере победникот на Imagine Macedonia 2026, кој ќе ја претставува Македонија на меѓународното финале на Imagine во Брисел. Учеството на македонскиот претставник на меѓународното финале во Брисел, се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.

Imagine Music Experience е меѓународна програма на Jeunesses Musicales International (JMI), наменета за млади музичари на возраст од 13 до 21 година, без ограничување во однос на музичкиот жанр. Преку националните и меѓународните финалиња, програмата им овозможува на младите автори и изведувачи да ја претстават својата музика пред публика, да стекнат сценско искуство и да се поврзат со свои врсници од други земји.

Минатогодишното издание на Imagine Macedonia го освои кочанскиот бенд „Корка“, кој ја претставуваше Македонија на меѓународното финале во Брисел, каде што ја освои наградата од публиката – People’s Choice Award.

Со новото издание, Imagine Macedonia продолжува да создава простор за младите автори и изведувачи од домашната музичка сцена, а годинашното национално финале ќе биде дел од програмата на „Здраво Млади“ во МКЦ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс