Израелските одбранбени сили (ИДФ) за првпат признаа дека нивните сили пукале врз автомобилот во кој во јануари 2024 година во Газа загина шестгодишната Хинд Раџаб, откако возилото било погодено со 335 куршуми. Повеќе од две години по инцидентот што го привлече вниманието на светската јавност, воените власти во Тел Авив потврдија дека покренале кривична истрага против инволвираните војници за да се утврдат околностите под кои беше извршен нападот.
Израелската армија соопшти дека прелиминарната истрага покажала оти тенковска единица отворила оган врз цивилното возило во градот Газа. ИДФ претходно тврдеше дека во близина на автомобилот немало нејзини единици, но новите податоци изнесени од Воената полиција покажуваат дека возилото било директно таргетирано. Во нападат загинаа Хинд Раџаб, нејзината вујна, вујкото и нивните четири деца кои се обидуваа да побегнат од борбената зона.
Анализата на теренот и балистичките извештаи од независните организации покажаа дека врз автомобилот биле истрелани 335 куршуми од автоматско оружје и тенковска муниција. Во истиот инцидент загинаа и двајца медицински лица од Палестинската црвена полумесечина, чие амбулантно возило добило дозвола за пристап од израелските власти, но сепак било гранатирано на неколку метри од погодениот автомобил.
Организациите за човекови права бараат независна меѓународна истрага и одговорност за командниот синџир што ја одобрил операцијата. Семејството на загинатото девојче и палестинските претставници истакнуваат дека признанието доаѓа дури по силниот меѓународен притисок и објавените аудио-снимки од телефонскиот повик во кој шестгодишната Хинд ги молеше спасувачите за помош пред да се прекине врската.