Хуавеј пред американски суд: Обвинителството тврди дека постои снимка од кражба на роботска рака

Во федералниот суд во Бруклин започна судскиот процес против кинескиот технолошки гигант Хуавеј, а американското обвинителство уште во воведните аргументи го претстави случајот како долгогодишна шема на кражба на технологија и деловни тајни од американски компании. Обвинителот на Министерството за правда на САД, Тејлор Стоут, пред поротата изјави дека Хуавеј со години користел кражби, измами и прикривање информации за да стекне предност пред конкурентите и да го прошири своето влијание на глобалниот телекомуникациски пазар.

Според обвинението, компанијата наводно учествувала во заговор за кражба на деловни тајни од пет американски компании. Меѓу технологиите што наводно биле цел на кражбата се изворен код за оперативен систем на интернет-рутери на „Сиско системс“, како и роботска рака што „Ти-Мобајл“ ја користела за тестирање телефони. Стоут пред поротниците рекол дека ќе бидат презентирани сведоштва од луѓе кои, како што тврди обвинителството, го фатиле Хуавеј во обид да дојде до американска технологија.

Особено внимание привлече тврдењето дека постои и видео-снимка на која наводно се гледа вработен како ја краде роботската рака.

Одбраната: Нема заговор, туку конкуренција

Адвокатите на Хуавеј целосно го отфрлаат обвинителскиот наратив. Брајан Хеберлиг, еден од адвокатите на компанијата, пред судот изјави дека успехот на Хуавеј е резултат на конкуренција и иновации, а не на криминален план. Одбраната тврди дека обвинителството ќе претставува вообичаени активности во глобалниот технолошки сектор како криминални дела, издвојувајќи поединечни инциденти и поврзувајќи ги во заговор кој, според адвокатите, никогаш не постоел.

Хеберлиг посочи дека случаите поврзани со „Сиско“ и „Ти-Мобајл“ биле постапки на поединечни вработени, а не дел од политика на компанијата. Според него, Хуавеј презел мерки откако дознал за инцидентите. Во друг случај, вработен наводно без дозвола фотографирал мрежна опрема на „Фуџицу“ за време на саем. Одбраната го опиша тоа како непромислен потег на поединецот, кој веднаш бил отпуштен.

Случајот започна со обвинение во 2018 година

Судскиот процес има корени во обвинението поднесено во 2018 година. Хуавеј и неговата финансиска директорка Мент Венжу тогаш беа обвинети за банкарска измама и прекршување на американските санкции. Американските власти тврдат дека компанијата лажно ги претставувала своите активности во Иран со цел да ги заобиколи санкциите на САД и да префрла милиони долари преку американскиот финансиски систем.

Во меѓувреме, случајот се проширил и опфатил дополнителни обвиненија, меѓу кои и рекетирање, односно наводен систематски модел на незаконски активности за остварување финансиска корист. Хуавеј денес е познат по телекомуникациската опрема, мобилните телефони и развојот на чипови за вештачка интелигенција. Компанијата работи на глобално ниво, но нејзината телекомуникациска опрема е под строги ограничувања на американскиот пазар.

Мент Венжу беше уапсена во Канада

Во 2018 година, Мент Венжу беше уапсена во Ванкувер врз основа на американска потерница. Речиси три години се бореше против екстрадицијата во САД, пред да ѝ биде овозможено да се врати во Кина по дипломатски договор меѓу Вашингтон, Пекинг и Отава.

Обвиненијата против неа беа отфрлени во 2022 година во рамки на договор за одложено гонење. Сепак, нејзините претходни изјави ќе бидат презентирани како доказ во актуелниот процес. Судењето се очекува да трае околу три месеци. Дел од случајот се темели и на истражувања на „Ројтерс“ од 2012 и 2013 година за врските меѓу Хуавеј и компанијата „Скајком“, која работела во Иран.

„Ројтерс“ во 2010 година објави дека „Скајком“ понудил продажба на компјутерска опрема од „Хјулит-Пакард“, која била под американско ембарго, на најголемиот мобилен оператор во Иран, во зделка вредна најмалку 1,3 милиони евра. Агенцијата исто така објави дека Мент Венжу била членка на управниот одбор на „Скајком“ од февруари 2008 до април 2009 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс