МЕД го претвори хотелот „Европа“ во Отешево во училница за лилјаци

По повод Меѓународниот ден на лилјаците, Македонското еколошко друштво организираше теренска работилница во напуштениот хотел „Европа“ на брегот на Преспанското Езеро

По повод Меѓународниот ден на лилјаците, кој се одбележа на 17 април, Македонското еколошко друштво организираше теренска работилница со ученици од ООУ „Мите Богоевски“ од Ресен, при што тие ја посетија и набљудуваа колонијата на лилјаци во напуштениот хотел „Европа“ во Отешево, на брегот на Преспанското Езеро.

Целта на активноста била на младите одблиску да им се приближи значењето и клучната улога на лилјаците во одржувањето на природната рамнотежа. На теренските активности им претходело и воведно предавање од Александар Стојанов, кој ги запознал учениците со основите на екологијата на лилјаците, нивната распространетост, разновидност, начин на живот, ориентација, летање, исхрана, но и со заканите со кои се соочуваат.

Од Македонското еколошко друштво посочуваат дека лилјаците се една од најзагрозените групи животни, а најголемите опасности за нивниот опстанок доаѓаат од човековите активности, како што се сечењето шуми, сушењето водни површини, прекумерната употреба на пестициди, нарушувањето на живеалиштата и ловот.

Воедно, тие потсетуваат дека спротивно на честите погрешни перцепции, лилјаците не се опасни за луѓето. Напротив, тие имаат важна улога како природни регулатори на инсектите, со што придонесуваат за намалување на штетите врз земјоделските култури, шумските екосистеми и потенцијалниот ризик од пренос на болести.

„Со заштита на лилјаците, ја штитиме и рамнотежата во природата“, порачуваат од друштвото.

Едукативната работилница била реализирана во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“. Партнери во проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа од Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија, а имплементацијата е поддржана и од Министерството за животна средина и просторно планирање и Националниот парк „Пелистер“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни