„Градиме иднина“ бара да се укине службена тајна

Посвоените лица по полнолетството да можат да дознаат кои се нивните биолошки родители, бара здружението „Градиме иднина“.

Оттаму предлагаат укинување на членот 123-а од Законот за семејството, според кој податоците за заснованите посвојувања се службена тајна, објави Телма.

Иницијативата повторно го отвора прашањето за пристапот до сопственото потекло, две години по пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот на Мирјана Митревска. Судот во Стразбур утврди дека домашните институции ѝ го повредиле правото на приватен и семеен живот, одбивајќи да ѝ дадат информации за биолошкото семејство.

Илија Јовановиќ од „Градиме иднина“ вели дека посвоените лица по навршувањето 18 години треба да добијат пристап до податоците за своето раѓање. Како еден од аргументите го наведува ризикот луѓе што не знаат дека се во биолошко сродство да започнат љубовна врска.

Јовановиќ тврди дека има случаи во кои лица дури по стапувањето во брак, преку ДНК-анализа, дознале дека се брат и сестра, разделени со посвојување. Во пренесената изјава не се наведени конкретни документирани случаи.

Според проценката на здружението, меѓусебно се бараат од 90.000 до 95.000 лица поврзани со разделени биолошки семејства. Јовановиќ најавува дека истражувањето на кое се повикува ќе им биде претставено на надлежните институции. Тој изнесува и тврдења за исчезната медицинска документација и податоци од родилиштата.

На средбите биле отворени и сомнежите за посвојувања меѓу поранешните југословенски републики. Радиша Павловиќ и Миланка Момчиловиќ, претставени како претставници на српската комисија за исчезнати новороденчиња, зборуваат за случаи и информации поврзани со движење на деца меѓу Србија, Македонија и други републики. Овие наводи бараат институционална проверка.

Правната пречка за пристап до потеклото веќе беше предмет на одлучување во Стразбур. Во пресудата „Митревска против Северна Македонија“ од 14 мај 2024 година, Судот утврди повреда на членот 8 од Европската конвенција за човекови права, кој го штити приватниот и семејниот живот.

Митревска барала информации и за медицинската историја на биолошките родители. Судот оценил дека институциите се повикале исклучиво на законската тајност, без да ги одмерат нејзиниот интерес да го дознае потеклото и приватноста на биолошкото семејство. Укажал и дека законот не предвидувал исклучок од здравствени причини, ниту пристап до информации што не го откриваат идентитетот на родителите.

Од Министерството за социјална политика за Телма изјавиле дека е формирана работна група за измени на Законот за семејството, во која се разгледува и можноста за промена на членот 123-а. Во пренесениот одговор не е наведен рок за измените, ниту модел според кој посвоените би добивале пристап до податоците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс