Научници открија: гибралтарските макаки јадат земја како лек за желудникот

Научниците открија дека гибралтарските макаки почесто јадат земја кога консумираат човечка храна од туристи, што веројатно им помага при желудочни тегоби.

Истражувачите забележале дека мајмуните што почесто јадат храна од туристи почесто јадат и земја, што веројатно им помага да ги ублажат желудочните тегоби.

На Гибралтарската Карпа, преполна со туристи, еден од најчестите призори се берберските макаки кои бараат храна, а понекогаш успеваат и да украдат грицки од невнимателни посетители. Но, научниците сега документираа необично однесување што можеби им помага да ги избегнат болките во стомакот предизвикани од нездрава човечка храна.

Истражувачите забележале дека мајмуните почесто јадат земја во групите што повеќе консумираат храна од туристи, како чоколадо, чипс и сладолед. Овие намирници се богати со шеќер, масти и млечни состојки, а сиромашни со влакна, што не одговара на нивната природна исхрана.

„Претпоставуваме дека човечката храна, која не е приспособена на нивната природна исхрана, предизвикува желудочни тегоби и потенцијално го нарушува микробиомот, а негативните ефекти се ублажуваат со состојки од почвата“, изјави Силвен Лемоан, биолошки антрополог од Универзитетот во Кембриџ и главен автор на студијата објавена во списанието „Сајентифик рипортс“.

Според Лемоан, ако се спореди со луѓето, јадењето земја веројатно делува како антацид. Сепак, тој нагласува дека се потребни дополнителни истражувања за подобро да се разбере влијанието врз цревните бактерии.

Истражувачите ги следеле берберските макаки што живеат во Гибралтар, британска територија на јужниот врв на Пиринејскиот Полуостров, во периодот од август 2022 до април 2024 година.

Овие макаки, околу 230 единки во осум групи, се единствената слободна популација мајмуни во Европа. Тие живеат во близок контакт со голем број туристи, кои често ги хранат, иако животните добиваат овошје, зеленчук и семиња на официјални хранилишта управувани од локалните власти.

Берберските макаки потекнуваат од Северна Африка, а најверојатно стигнале во Гибралтар за време на средновековното маварско владеење. Подоцна станале симбол на британската контрола, според легендата дека помогнале да се предупредат војниците за ненадеен напад во 18 век.

Нивната популација се намалила за време на Втората светска војна, по што британскиот лидер Винстон Черчил наредил да се донесат нови единки од Мароко и Алжир. Од нив потекнува најголемиот дел од денешната популација на макаки во Гибралтар.

Намерното јадење земја, креда или глина се нарекува геофагија. Ова однесување е забележано кај многу животински видови, вклучувајќи примати како шимпанза, лемури и други макаки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни