Германската индустрија се сели во Кина за да избегне ценовен пораз

Инвестициите на германските компании во Кина скокнаа на 5,6 милијарди евра, додека германските фабрики бегаат на исток поради субвенциите и евтиниот јуан.
Фото: Pix4free

Германските компании вложија 5,6 милијарди евра во Кина во првата половина од годинава, покажува најновото истражување на Германскиот економски институт (IW). Тоа претставува скок од речиси една третина во споредба со истиот период лани. Германски капитал забрзано оди кон кинескиот пазар, иако официјален Берлин со месеци повикува на намалување на зависноста од втората светска економија.

Податоците на институтот IW, извлечени од евиденцијата на германската централна банка Бундесбанк, откриваат дека вкупната сума е блиску до високите просеци забележани меѓу 2020 и 2025 година. Економистите предупредуваат дека индустријата едноставно мора да го следи капиталот онаму каде што трошоците се подносливи.

„Германските компании практично немаат друг избор освен да продолжат да вложуваат во Кина“, изјави економистот на институтот IW, Јирген Матес. Тој наведе дека кинескиот пазар одамна не е само продажна дестинација, туку главен тест за издржливост на германскиот бизнис.

Причината за ваквиот егзодус на капитал лежи во државната интервенција на Пекинг. Кинеските власти со директни буџетски субвенции и со вештачки низок курс на јуанот ги рушат цените на глобалниот пазар.

„Кој сака да опстане во жестоката светска битка со цените против кинеските ривали, мора таму да произведува повеќе. Мора директно да извлече корист од тој искривен пазарен натпревар“, рече Матес.

Префрлањето на производните линии на илјадници километри на исток носи директни последици за германската економија. Со секој нов отворен погон во Азија, матичната индустрија во Германија губи добро платени работни места и индустриски капацитет. Матес посочува дека овој тренд ја празни германската база на вработеност и побара Европската унија поостро да ги казни кинеските нефер пазарни практики.

Овој инвестициски скок се прелева и врз македонската индустрија. Голем дел од фабриките во слободните технолошки зони во Скопје, Штип и Битола се добавувачи на германските авто-гиганти. Ако германските компании за производството на делови за новите генерации возила трајно ги преселат во Кина, нарачките за македонските погони стануваат директно ранливи на тоа преструктурирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс