Германскиот Бундесвер започна необична кампања за привлекување нови кандидати, користејќи амбалажа за ќебапи како средство за промоција на можностите за вработување во воената здравствена служба.
На пакувањата се испечатени QR-кодови преку кои заинтересираните можат да добијат информации за работните позиции. Кампањата не е насочена само кон младите кои го избираат своето прво занимање, туку и кон луѓе кои размислуваат за промена на кариерата.
Сопствениците на продавниците за ќебапи учествуваат доброволно и не добиваат финансиски надомест. Бундесверот им обезбедува бесплатна амбалажа со промотивни пораки.
Кампањата доаѓа во период кога Германија се обидува значително да го зголеми бројот на припадници на своите вооружени сили. Кон крајот на јули Бундесверот имал 186.705 активни припадници, а планот е до 2035 година бројката да надмине 260.000.
Берлин сака со зголемувањето на бројот на војниците да ги исполни и целите на НАТО поврзани со воените способности.